Специјалното јавно обвинителство вели дека во рамки на истрагата „Империја“ судот донесе решенија за определување на привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица „Орка холдинг“ и „Ексико“ и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на правните лица „Ексико“ и „Тимох“.
Според СЈО, од доказите со кои располагаат, произлегува дека е сторена штета на Буџетот на Република Македонија во износ од најмалку 6.275.280 евра, како и дека се испрани парични средства во износ од 10.939.938 евра.
Во саботата, судија на претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена на Орце Камчев сопственикот на „Орка холдинг“, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски од вкупно 13 осомничени во „Империја“. Мирчевски е директор на контроверзната оф-шор компанија „Ексико“, Панделески е директор на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ и сопственик на „Пелистерка“, Јосифовиќ е соработник на Камчев, а Арсовска е сметководителка во неговите фирми.
Во „Империја“, осомничени за Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело се уште: Сашо Мијалков, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела
Од СЈО уште еднаш потсетуваат дека во наредниот период истрагата во случајот „Империја“ ќе биде проширена за повеќе лица и за повеќе кривични дела.