ЗАМРЗНАТ ИМОТ НА РАШКОВСКИ И НЕГОВИТЕ МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА

    ЗАМРЗНАТ ИМОТ НА РАШКОВСКИ И НЕГОВИТЕ МАЛОЛЕТНИ ДЕЦАРашковски беше приведен на 16 април во рамки на истрагата за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци. (архивска фотографија)

    Основниот кривичен суд Скопје, на барање на Обвинетелството за организиран криминал и корупција, замрзна имот на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, против кого се води истрага за злоупотреби при јавни набавки.

    Како што велат од обвинителството, Рашковски и уште три лица се осомничени дека ја оштетиле државата за 17.642.237 денари и мерката е побарана за да не дојде до осуетување на оштетното побарување. Замрзнат е и имотот на двете малолетни деца на Рашковски.

    „Уважувајќи го барањето, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје донесе Решение за привремена мерка со кое спрема едно од осомничените лица е определена привремена мерка – забрана за располагање со средства од сметка на која осомничениот како физичко лице има овластување да располага. Со истото Решение спрема две малолетни лица, на кои првоосомничениот во предметот е законски застапник, е определена привремена мерка – Забрана за оттуѓување или оптоварување на своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во корист на законскиот застапник, со прибелешка на таа забрана во јавна книга или да ги даде под закуп. Воедно, спрема едно правно лице во сопственост на трет осомничен судијата на претходна постапка определи привремена мерка – Забрана за отуѓување или оптоварување на движни ствари“, се вели во соопштението на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Од обвинителството додаваат дека привремените мерки за обезбедување на имотно-правното барање ќе траат најдолго до правосилно завршување на кривичната постапка или до поинаква одлука на судот и известуваат дека мерките за обезбедување на осомничените се продолжени за нови 30 дена.

    Рашковски беше приведен на 16 април во рамки на истрагата за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци. Првично му беше изречен куќен притвор, но по жалбата на обвинителството, решението беше преиначено во ефективен притвор на 21 април.

    На 19 мај, истрагата беше проширена за уште една јавна набавка, за друг софтвер. На 4 јуни, Апелациониот суд донесе одлука тој да биде пуштен од ефективен притвор во куќен притвор.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира