ЗАРАДИ РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО ВЛАДАТА СКРАТИ 3.5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД МИНИСТЕРСТВАТА

    ЗАРАДИ РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО ВЛАДАТА СКРАТИ 3.5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД МИНИСТЕРСТВАТАПратениците денес покрај одлуката за распишување на референдумот а името, ја изгласаа и Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, со која се определуваат пари за спроведување на референдумот кој ќе се одржи на 30 септември (Фото: СДК.МК)

    Референдумот за името ќе чини 3.5 милиони евра. Пратениците денес покрај одлуката за распишување на референдумот ја изгласаа и Предлог – одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите,  со која се определуваат пари за спроведување на референдумот кој ќе се одржи на 30 септември.

    Средства за референдумот владата ќе ги покрие од Буџетот, но дел ќе се прераспределат од повеќе министерства. Највеќе пари за референдумот ќе бидат прераспределени од ставки  на Министерството за финансии, околу 60.000.000 денари (975 илјади евра).

    Владата заради референдумот определи да скрати дел од средствата предвидени за администрација, за патни и дневни расходи – околу 1 милион денари (16 илјади евра), за привремени вработувања милион денари, разни трансфери за милион денари, за економска промоција, од ставката патни и дневни расходи за 4.4 милиони денари (70 илјади евра), разни трансфери за унапредување на локална и регионална конкурентност во областа на туризмот се намалуваат за 13 милиони денари (212 илјади евра).

    Од владината Служба за општи и заеднички работи ќе се издвојат 20 милиони денари, кои се наменети за ставката други градежни објекти.

    И Министерството за транспорт и врски ќе пренамени средства предвидени за жичарата, околу 20 милиони денари (325 илјади евра). Министерство за труд и социјална политика ќе крати од парите предвидени за минимална плата во висина од 10 милиони денари (163 илјади евра). За финансирање на референдумот, ќе  се скратат пари предвидени за салата на Македонската филхармонија, околу 8 милиони денари (130 илјади евра). Од Министерство за здравство ќе се крати  10 милиони денари од изградба на ПЕТ Центарот, од ставката за купување опрема и машини (163 илјади евра).

    Од Министерство за образование и наука за референдумот ќе се одделат пари предвидени за преведување и печатење стручна литература, од ставката договорни услуги. Ќе се пренаменат 5 милиони денари (82 илјди евра), а исто толку ќе се намалат и средствата за договорни услуги за проектот за превод на книги од реномирани автори.

    Пратениците го утврдија референдумското прашање кое ќе гласи „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето на одлуката за распишување на референдум ја напуштија собраниската сала, a не бе присутни ниту да ги образложат двата амандаман што ги поднесоа.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира