Директорката на Клиниката за кожни болести, која е заразена со коронавирус засега може да добие само јавна опомена, како највисока казна, без да се чекаат судски одлуки, рече претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева-Старделова. За опомената ќе одлучува етичката комисија на Комората.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера објави дека директорката на Кожната клиника се вратила од Италија и одела на работа пет работни дена. По објавувањето на нејзиниот случај, 193 лица се во изолација, а затворена е Клиниката. Филипче неколкупати потенцираше дека е многу разочаран од неодговорното однесување на колешката.
„Лекарската комора бара докторите на медицина и другите здравствени работници да се придружуваат и да ги почитуваат дадените упатства во целина. Апелираме до сите да се однесуваат како што доликува на докторската професија, одговорно и разумно со цел да се заштити здравјето на граѓаните, но и сопственото здравје.
Во врска со директорката на Клиниката за дерматовенерологија, која е заболена со коронавирус и која не ги почитувала препораките на здравствените власти, Лекарската комора преку своите органи ќе постапи во согласност со важечките законски прописи, статусот и подзаконските акти по што јавноста ќе биде информирана јавноста“, изјави д-р Гривчева-Старделова.
Б. НЕСТОРОСКА