Ревизијата на работењето и состојбите во ЈП Македонски железници Инфраструктура констатирала застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална железничка инфраструктура. На дел од главните коридори: Скопје – Гевгелија, Велес – Битола и Скопје – Бељаковце се вози со намалена брзина поради бројни дефекти, застарени системи и опожарени прагови, а на одредени делници, како Велес – Кочани и Скопје – Кичево, сообраќајот е целосно запрен. Повеќе од 40 години нема значајни инвестиции, што ги загрозува безбедноста, капацитетот на железничкиот сообраќај и начинот на вршење на дејноста, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР), чии обработени податоци се однесуваат на 2024 година.
На поголемиот дел од пругата Скопје – Гевгелија последните ремонти се извршени пред повеќе од 35 години, при што не биле опфатени главните и споредните колосеци во железничките станици. Според европските стандарди за одржување, редовен ремонт со замена на шини и прагови се извршува најмалку на секои 25 години. Системите за сигнализација се вградени пред повеќе од 40 години и нивното редовно функционирање е доведено во опасност поради застарената технологија и непостоењето резервни делови. Мостовите на оваа пруга се изградени пред повеќе од 80 години, а последните испитувања со пробно оптоварување за нивната безбедност се направени во осумдесеттите години на минатиот век, додека дополнителни испитувања на одредени мостови подолги од 70 метри се извршени во текот на 2008 и 2015 година. На пругата Велес – Битола повеќе од 40 години не се преземени поголеми градежни зафати со цел одржување на проектираната брзина и безбедноста на сообраќајот.
Анализата на ДЗР покажала дека за рехабилитација, изградба и реконструкција на железничката инфраструктура се одобрени заеми од 191,4 милиони евра, од кои 44% сѐ уште не се повлечени. Поради тоа, до крајот на 2024 година се платени 7,78 милиони евра провизии за неповлечени средства, од кои најголемиот дел се однесува на заемот за пругата Бељаковце – Крива Паланка. Во 2024 година, по основ на камати за заемите, ЈП МЖ исплатила 2,85 милиони евра.
Поради недоволна подготвеност при планирањето, првичното проектирање, изградбата и реконструкцијата на делниците Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка, чија изградба трае од 1996 година, ДЗР евидентирала дека вредноста на договорот за првата делница, склучен во 2013 година, бележи зголемување за 96% или приближно 2 милиони евра за еден километар. Рокот за завршување на проектот — поради грешки во проектната документација, конструктивни и статички пропусти, несоодветно техничко решение на теренот, потреба од дополнителна експропријација, промена на материјали, сигнализација и телекомуникации, пристапни патишта, како и раскинување на договор и избор на нов изведувач — е пролонгиран за 8 години и 3 месеци.
За делницата Бељаковце – Крива Паланка, 18 години по запирањето на градбата и 8 години по склучувањето на договорот за заем, договорот за градба е потпишан во јули 2022 година во вредност од 155 милиони евра, со пролонгиран рок на завршување до 23.10.2026 година.
Дури 91% од градежните објекти на ЈП МЖ Инфраструктура не се евидентирани во Катастарот на Агенцијата за катастар на недвижности, а за 88% од останатите градежни објекти јавното претпријатие не поседува имотни листови со кои се докажува запишаното право на сопственост.
За финансиското работење на ЈП МЖ Инфраструктура, ревизорите констатирале континуирано искажување загуби од работењето. За 2024 година таа изнесува 188,8 милиони денари, додека вкупната загуба достигна 77 милиони евра. За потсетување, МЖ АД Транспорт имаше вкупна загуба од 109 милиони евра.
Старосната структура покажува дека најголем процент од вработените се на возраст од 56 до 60 години, од кои една третина не ги исполнуваат посебните услови според степенот или видот на образованието. Во претпријатието е воспоставена пракса недостигот од кадар да се пополнува со времени решенија на систематизирани работни места, наместо со редовно вработување преку јавен оглас или унапредување со интерен оглас.
Основната дејност на ЈП МЖ Инфраструктура опфаќа управување, изградба, реконструкција, ремонт, одржување и заштита на железничката инфраструктура, организирање и регулирање на железничкиот сообраќај, како и раководење со системите за регулација и безбедност.
ЈП МЖ Инфраструктура ги прифатила забелешките со образложение дека дел од состојбите произлегуваат од историски наследени околности, сложени постапки кои зависат од повеќе институции, специфичниот правен режим на железничката инфраструктура, како и од природата на големите инфраструктурни проекти што се реализираат во повеќегодишен, институционален и меѓународно финансиран контекст.
П. ПЕЧКОВ



