ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ ЗА „РЕКЕТ“, НОСАЧОТ НА ТОРБАТА „ЛУЈ ВИТОН“ КИЧЕВСКИОТ ВЕШТО ИЗБЕГНАТ ДА СВЕДОЧИ, КАКО ОД РУСКОВСКА, ТАКА И ОД БОКИ 13 И ОД ЈАНЕВА

    ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ ЗА „РЕКЕТ“, НОСАЧОТ НА ТОРБАТА „ЛУЈ ВИТОН“ КИЧЕВСКИОТ ВЕШТО ИЗБЕГНАТ ДА СВЕДОЧИ, КАКО ОД РУСКОВСКА, ТАКА И ОД БОКИ 13 И ОД ЈАНЕВАЗа одбраната на обвинетите, нема причина да го викаат Милески, зашто никаде не се гледа дека торбата некогаш воопшто му ја дава на Јовановски. Тимот на Јанева упатува дека товарот на докажување на вина е на обвинителството и негов пропуст е што не е повикан за сведок носачот на торба „Луј Витон“ на снимките што ги правел Камчев. (Фото: Принтскрин од видеото објавено од италијанскиот весник „Ла Верита“)

    Со настап првин на Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, денес во 10 часот почнува давањето завршни зборови за случајот „Рекет“. По неа завршни ќе дадат обвинетите Бојан Јовановски – Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Пресудата во принцип е неколку дена по завршните зборови, за кои судијката Васка Николовска-Масевска на странките им даде 2 дена.

    Обвинетиот Боки 13 ѝ кажа на судијката дека „од Камчев не можете 50 денари да земете, а не пак милион ипол евра“. (Фото: СДК.МК)

    По 31 судско рочиште за обвинението кое беше изградено по пријава на осомничениот бизнисмен во „Империја“ Јордан Камчев, дека Јовановски му изрекетирал 1,5 милион евра за да го помогне преку Јанева и да го спаси од истрагата, јавноста ќе знае: дали навистина Јовановски зел милион ипол евра од него, дали е возможно да ги испрал со купување гардероба и дали Јанева му помогнала на Камчев злоупотребувајќи ја функцијата.

    И одбраната на Боки 13 и на Јанева, кои се во притвор, но и обвинителката Вилма Русковска се спокојни дека нивната правда ќе победи, дека имаат контрадокази, односно докази. Така барем кажаа пред новинарите, дента кога заврши доказната постапка.

    • Клучни за Русковска се снимките на Камчев на кои се гледа како Зоран Милески – Кичевскиот изнесува торба „Луј Витон“ со пари, а зад него оди првообвинетиот Бојан Јовановски, поткрепено и со аудиоснимки од разговор меѓу Камчев и Боки 13 дека тој е максимално ангажиран преку „жената“ (Катица Јанева) да му помогне да се спаси од истрагата за „Империја“, кај што е првоосомничен. Се слуша како му дава информации од истрагата, за кои се претпоставува дека се од второобвинетата, неговата пријателка, Јанева која тогаш е специјална обвинителка.
    • Никаде не се гледа, не постои видеоснимка или фотографија на која Милевски воопшто некогаш му ја дава таа торба на Јовановски, укажа одбраната. Боки 13, пак, ѝ кажа на судијката дека „од Камчев не можете 50 денари да земете, а не пак милион ипол евра“. На Русковска, на секое споменување на парите за кои Камчев тврди дека ги имало во торбата, Јовановски ѝ префрлуваше: „Милион ипол има само во твојата глава“, а за потрошените 150 илјади евра во Милано, за кои обвинението тврди дека биле од тие милион ипол евра изрекетирани од Камчев, Боки 13 викна сведоци од Белград кои рекоа дека тие му ги дале за брендирана облека и за скапи цитостатици. За одземената гардероба презентираше во судница фотографии од Фејсбук и Инстаграм како доказ дека му е купена многу порано од датумот кога Камчев тврди дека му давал пари за да го спаси од „Империја“.
    • Обвинителството за тоа дека од 1,5 милиони евра нашло докази само за 150.000 евра, од прв момент тврди дека за да се докаже криминално дело од сторител, не треба да се најдат сите пари, до последната како била земена и потрошена, доволни се само неколку докази за да се изгради и да се докаже теоријата на случај. Повлекува паралела на пример со сторителите на повеќе кражби, дека доволно е да се откријат како директни дел од нив, а другите се со индиректни докази.

    За Јанева и адвокатите, нема никакви докази од страна на Русковска против Јанева во „Рекет“, таа во „Империја“ постапувала како и во останaтите случаи. (Фото: СДК.МК)

    Вториот ден, в среда, ќе биде ден за Јанева и нејзината одбрана, која најавува најмалку 4 часа завршни зборови.

    • За Русковска, Јанева примила награда од 50 илјади евра и гарнитура од 5 илјади евра за да му ја олесни положбата на Камчев во големата финансиска истрага против него, каде што е осомничен дека ја оштетил државата засега за над 15 милиони евра. Таа како обвинител не смеела воопшто да прими награда.
    • За Јанева и адвокатите, нема никакви докази од страна на Русковска против Јанева во „Рекет“, таа во „Империја“ постапувала како и во останaтите случаи. Камчев во ниту еден случај не е привилегиран, пасоши Јанева давала и на многу други осомничени за лекување во странство, за патувања и слично, како на Илија Димовски, Цветан Панделески и други. Тие 50 илјади евра не постојат, бидејќи не се одземени никакви пари од нејзиниот дом, ниту се видени во доказниот материјал, тврди одбраната. На крајот Врховниот суд го пушти Камчев од притвор, а истрагата „Империја“ не е затворена.

    За обвинителката Вилма Русковска, Кичеец е непотребен, зашто смета дека и без него има докази за да бидат осудени Јанева и Боки 13. (Фото: СДК.МК)

    Интересно е што никој не го повика за сведок клучниот играч Милески, кој призна вина и беше неправосилно осуден на три години затвор. За Русковска тој е непотребен, зашто смета дека и без него има докази за да бидат осудени Јанева и Боки 13.

    За одбраната на обвинетите, нема причина да го викаат Милески, зашто никаде не се гледа дека торбата, која и онака ја мавта како да е празна, некогаш воопшто му ја дава на Јовановски. Тимот на Јанева упатува дека товарот на докажување на вина е на обвинителството и негов пропуст е што не е повикан за сведок носачот на торба „Луј Витон“ на снимките што ги правел Камчев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира