ЗДРАВСТВЕНАТА КАРТИЧКА И ЛИЧНАТА КАРТА ЌЕ БИДАТ ВО ЕДНО, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ТАРАВАРИ

    ЗДРАВСТВЕНАТА КАРТИЧКА И ЛИЧНАТА КАРТА ЌЕ БИДАТ ВО ЕДНО, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ТАРАВАРИПроблемот со печатење на здравствените картички настана уште пред три години, кога истече договорот на Министерството за здравство со хрватската фирма АКД, која ги печатеше картичките. - Министерот за здравство Арбен Тараври (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Арбен Таравари кажа дека за да не останат над 500.000 граѓани без електронски здравствени картички до крајот на годината, ќе мора да се распише тендер за избор на фирма која што ќе печати нови картички. Тој најави дека утре ќе има состанок со директорите на Фондот за здравствено осигурување на кој што ќе одлучат како да се реши овој проблем.

    „Сакавме ова да го решиме така што ќе биде три во едно, односно лична карта, возачка и здравствена картичка во едно. Но, министерот за внатрешни ни кажа дека со возачката не е можно, а проверивме и со германската фирма по чија технологија се прават личните карти и ни рекоа дека може заедно личната карта и здравствена картичка, но не со возачката. Така што тоа ќе го направиме, но тоа ќе биде процес кој ќе трае наредните две до три години. Дотогаш ќе мора да печатиме нови картички”, рече Таравари.

    Проблемот со печатење на картичките настана уште пред три години, кога истече договорот на Министерството за здравство со хрватската фирма АКД, која ги печатеше картичките. Тогаш дел од картичките останаа недопечатени, а целиот проект поранешниот министер за здравство Никола Тодоров го префрли на Фондот за здравство. Дополнителен проблем настана лани, кога важноста на картичките што беа испечатени 2011 година истече, бидејќи безбедносниот код на картичките е со важност од пет години. ФЗОМ тогаш овој проблем го реши така што договорија компанијата Индициум, фирма ќерка на хрватската компанија АКД да ги испечати овие картички, од оние што останале непотрошени од претходниот договор со хрватската фирма.

    Тогаш истече важноста на околу 46.000 електронски здравствени картички, а беа испечатени и над 103.000 други картички, кои осигурениците ги платија но дотогаш не ги добија. Директорот на ФЗОМ Сашо Стефановски лани за 73.000 евра ангажираше фирма консултант која требаше да го скенира системот и да каже кое најдобро решение за печатење на нови картички, со оглед на тоа дека со годините технологијата напредува и се менуваат безбедносните системи за вакви картички. Тој тогаш најави дека во ноември лани ќе распише тендер за избор на фирма што ќе ги печати картичките, за да не се случи годинава на осигуреници што им истекуваат картичките да останат без оваа електронска легитимација.

    Тендер воопшто не беше распишан, а од ФЗОМ нема одговор зошто тоа досега не е направено и како тоа ќе се одрази врз целиот електронки здравствен систем. Електронските здравствени картички требаше да ги содржат сите податоци за осигуреникот, но се досега се користеа само како замена на сините картони. Ниту поранешниот министер за здравство Бујар Османи во чиј мандат почна реализацијата на овој проект, односно во 2009 година, ниту Никола Тодоров кажаа дека картичките имаат рок на важење, ниту пак е донесена одлука што откако нивната важност ќе истече. Прво беше најавено дека картичките же бидат бесплатни, а потоа во време на Тодоров беше одлучено граѓаните да ги плаќаат по 250 денари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира