ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ И ПОРАНЕШНИ ПАЦИЕНТИ ЌЕ ТРЧААТ НА СКОПСКИОТ МАРАТОН ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ЗА ОРГАНОДАРИТЕЛСТВОТО

    ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ И ПОРАНЕШНИ ПАЦИЕНТИ ЌЕ ТРЧААТ НА СКОПСКИОТ МАРАТОН ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ЗА ОРГАНОДАРИТЕЛСТВОТОЗдравствени работници, волонтери и поранешни пациенти, ќе трчаат на маратонот, за да мотивираат поголем број донори на коскена срцевина да се пријават во Националниот регистар за донори, вели д-р Мојсова-Мијовска. (Фото: К. Попов)

    Здравствени работници, волонтери и излекувани пациенти в недела, на 3 октомври, ќе трчаат на 17. Скопски маратон во чест на дарителите на органи и коскена срцевина. Нивното учество го организираат националната координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска и Клиниката за хематологија.

    Од Министерството за здравство најавуваат дека на стартот на трката, пред „А1 арената Борис Трајковски“, ќе има пункт отворен од 8 до 12 часот, каде тимовите на експерти кои се дел од овие интервенции ќе нудат информации за трансплантациите како можност за излекување и продолжување на животот.

    Изминативе две години расте јавната свест за органодарителството. Почнувајќи од мај 2020 досега, извршени се експлантации од 7 починати донори, а трансплантирани се 5 срца, 12 бубрега, 1 коскено ткиво.

    Здравствените власти  најавуваат дека граѓаните од 18 до 50 години кои се во добра здравствена состојба, ќе имаат можност да станат дел од Националниот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина. Дарител може да биде секој што се чувствува здрав и е подготвен да спаси нечиј живот, само со доброволно дарување на 5 милилитри периферна крв, ќе се запише во регистарот на дарители на коскена срцевина.

    „Целта ни е да го подигнеме нивото на свесност за значењето на трансплантација на органи и ткива од починат донор. Да се дарува коскена срцевина, орган или ткиво значи некому да се даде можност одново да живее. Симболично, сакаме со учество во трката да ја истакнеме важноста и влијанието од трансплантацијата на органи, ткива и матични клетки врз животот на пациентите, а воедно и да им заблагодариме на сите донори ширум светот кои со своето дарување подариле некому живот“, вели д-р Мојсова-Мијовска, која е и директорка на КАРИЛ.

    Маратонот ќе се одржи со почитување на сите пропишани мерки и протоколи за заштита од ковид-19. Според организаторите, пријавени се околу 7.000 натпреварувачи од 40 земји од светот, со особен фокус на домашните атлетичари.

    Стартот на полумаратонот, маратонот и штафетниот маратон ќе биде во 8 часот, додека стартот на трката на 5.000 метри е во 8:10 часот од платото пред „Борис Трајковски“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира