ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ НАЈМНОГУ ГИ ТУЖАТ ЈАВНИТЕ УСТАНОВИ ОТИ НЕ ИМ ПЛАЌААТ ЗА ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА, РЕЧЕ КЛЕКОВСКИ

    ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ НАЈМНОГУ ГИ ТУЖАТ ЈАВНИТЕ УСТАНОВИ ОТИ НЕ ИМ ПЛАЌААТ ЗА ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА, РЕЧЕ КЛЕКОВСКИ„Работиме заедно со Министерството за здравство и со синдикатот да ги отстраниме сите нејаснотии во примената на законот и на колективните договори кои овозможуваат на уиграна група на вештаци, адвокати и еден независен синдикат да наоѓаат сиви зони во толкувањето на законите и колективните договори“, кажа Клековски. (Фото: К. Попов)

    Најмногу тужби во јавното здравство има во установите кај што е најниска продуктивноста, рече денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски. Заклучно со декември 2025 има над 1.800 вработени кои водат судски спорови против сопствените здравствени установи.

    „Претпоставувам дека бројката е поголема бидејќи ова е засновано на анкета на Фондот, што значи дека меѓу 10 и 20 отсто од вработените водат судски спорови. Најголем број, односно 70% од судските спорови се во 10 установи и тие се во оваа категорија на општи болници. Најмногу по број, 317 судски спорови има Општата болница Куманово, најголем финансиски ефект би имала Клиничката болница Битола, а вкупно проценетиот ефект на судските спорови прелиминарно е над 2 милиони евра и тој веројатно би растел со тек на времето и со нови тужби“, рече Клековски.

    Директорот на ФЗО апелираше до директорите да ги применуваат правата од законите и од колективните договори таму каде што се оправдани, да пристапуваат кон спогодби за да ги избегнат адвокатските и судските трошоци.

    „Истовремено, ги повикуваме здравствените работници, посебно каде што има ниска ефикасност во установите, да се откажат од судските спорови бидејќи имаме парадокс, во истите установи имаме највисоко ниво на додатоци и најголем број на тужби, бидејќи така директно влијаат на одржливоста на нивните сопствени установи. И работиме заедно со Министерството за здравство и со синдикатот да ги отстраниме сите нејаснотии во примената на законот и на колективните договори кои овозможуваат на уиграна група на вештаци, адвокати и еден независен синдикат да наоѓаат сиви зони во толкувањето на законите и колективните договори“, додаде тој.

    На прес-конференцијата за состојбите и функционирањето на јавните здравствени установи, Клековски кажа дека во 2025 имало 19 илјади вработени и за тоа се издвојуваат околу милијарда и пол денари во плати, од кои во просек 25% се додатоци. Меѓутоа, вели тој, тие 25% се од 10 до 40% во различни установи, што го отвора прашањето на наградување и мотивација на работното место и различните резултати што ги имаат во различни здравствени установи.

    „​Тоа исто така треба да го поврземе со реализацијата на 32 милијарди буџет кој е наменет за јавното здравство, каде што во просек реализацијата е 63%. Што значи 63%? Дека од овие 32 милијарди, за 63% има фактурирани услуги, здравствени услуги. Таму има структурни проблеми, ќе се решаваат, меѓутоа се споредбени за сите и имаме големи разлики. Имаме центри за јавно здравје кои се со 100 отсто ефикасност, имаме интернистички клиники на Универзитетскиот клинички центар во Скопје кој се со 85% реализација, но за жал имаме општи болници, општи болници со проширена дејност и здравствени домови кои се со под 50% реализација. ​ Морам да кажам дека во овие установи кои имаат помала реализација, заедно има повеќе вработени отколку на Клиничкиот центар во Скопје. Значи, овие податоци треба да послужат за чекорите понатаму. Има стратегија за здравството, има стратегија за болничкото лекување и мислам дека статус квото е неодржливо и мора да почнеме со промените кои се неопходни во тој дел“, додаде тој.

    Клековски кажа дека колективниот договор ги издвои професиите на хируршки и интернистички и тука после се разлики во додатоците, посебно за дежурство.

    „Притоа, не се зема во основа дали суштински вие работите во сала или не работите во сала, бидејќи вие можете да бидете ортопед, уролог, уво, грло, нос, а да не работите во сала. Бидејќи таму има и дијагностика, има и интернистички дел, условно да кажам. Не се сите хирургии чиста, класична хирургија. Меѓутоа, и во чистите класични хирургии ние имаме хирурзи кои не влегуваат во сала, тоа не е непознато. Секаде има не само во Скопје. Во основа, кога зборуваме за број на вработени, во скоро сите здравствени установи имаме две, еден вишок на доктори, а недостаток на медицински сестри и кадар за поддршка на здравствената работа“, кажа Клековски.

    За да се решат проблемите, Клековски вели дека е потребно една јавна расправа за две работи. Едната е правото на избор на лекар и правото на организација на здравствената заштита.

    „Значи, логиката е дека ние мораме да имаме патека на движење на пациент. Ако тргне од Делчево, која е првата станица, која е втората станица, која е третата станица, и утврдени основни способности на болниците што се способни да ги третираат. Да, ако станува збор за рак на панкреас, сигурно дека ќе заврши во терциерно здравство. Меѓутоа, ако станува збор за операција на кила или слепо црево, секој општ хирург би требало да има капацитет тоа да го направи. Меѓутоа, повторно, регионализацијата е прашање, бидејќи и тие хирурзи, за да имаме меѓусебна доверба, мора да имаат минимум број на операции, пораѓања бидејќи секојдневната работа ве држи во кондиција за потребните зафати“, кажа Клековски.

    Со одлука на Владата, тој вчера доби четири години мандат како генерален директор на Фондот за здравствено осигурување.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира