„Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ го доби шест иполгодишниот спор со државата Бугарија пред Европскиот суд за човекови слободи и права, зашто тамошните власти одбиваа да го регистрираат како здружение.
„Македонскиот клуб“ од Благоевград и претседателот на управниот одбор на здружението Ангел Кирилов Радонов, во октомври 2013 година поднеле тужба до Стразбур оти година дена претходно, Бугарија одбила здружението да го регистрира..
Според пресудата која е објавена денеска, Бугарската влада тврдела дека одбивањето да се регистрира здружението е базирано врз уставните начела и според нив, бугарските судови постапиле правилно. Одбивањето било поради целите на здружението, кои „биле насочени против унитарноста на бугарската нација и, исто така, биле политички по природа и затоа клубот требало да се регистрира како политичка партија“. Бугарската влада кажала дека здружението требало одново да поднесе барање за регистрација под новата регулатива, која била воведена на почетокот на 2018 година.
Здружението, пак, пред Судот во Стразбур тврдело дека целите во целост му се во согласност со бугарскиот устав и забележало дека овој суд многупати оценил дека има прекршување на членот 11 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи во случаите поврзани со Бугарија.
Судот во Стразбур пресуди дека е прекршен членот 11 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, со тоа што не била дозволена регистрација на здружението. Исто така, ѝ наложи на Бугарија во рок од три месеци да им исплати на оштетените 7.500 евра.
Здружението ја базира тужбата на членот 11 од Конвенцијата, која вели дека секој има право на слобода да се здружува со други. Никакви ограничувања не смеат да бидат ставени на остварување на ова право освен оние пропишани со закон и кои се неопходни во демократско општество за интереси од национална безбедност или јавна безбедност, за превенција на криминал, за заштита на јавното здравје или за заштита на правата и слободите на другите.
Во пресудата нема обврска и наложување од Судот во Стразбур ова здружение задолжително да се регистрира во Бугарија. Регистрацијата и натаму останува на волјата на тамошните власти.