ЗЕМЕТЕ УПАТ ОД МАТИЧЕН ЛЕКАР И ПОПОЛНЕТЕ СОГЛАСНОСТ ПРЕД ДА СЕ ВАКЦИНИРАТЕ ПРОТИВ КОВИД-19

    ЗЕМЕТЕ УПАТ ОД МАТИЧЕН ЛЕКАР И ПОПОЛНЕТЕ СОГЛАСНОСТ ПРЕД ДА СЕ ВАКЦИНИРАТЕ ПРОТИВ КОВИД-19Матичниот лекар го закажува терминот за вакцинација. - Од денешната вакцинација во скопската поликлиника „Букурешт“. (Фото: К. Попов)

    Лицата кои се вакцинираат против ковид-19 во земјава со себе мора да носат упат од матичен лекар и пополнет документ за согласност, кој е достапен на сајтот kovid19vakcinacija.mk.

    • Документот се пополнува лично, или од страна на законски старател или овластен носител на одлуки за лицето кое ја прима вакцината. Пополнетата согласност се приложува на вакциналниот пункт. Согласноста може да биде пополнета претходно, но истата се наоѓа и на пунктовите за вакцинација каде може директно да се пополни и да се приложи.
    • Матичниот лекар на секој граѓанин кога му закажува тремин за вакцинација е должен да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде се спроведува вакцинација против ковид-19.
    • До крајот на оваа и за следната недела, на територијата на цела држава пуштени се 9.577 термини, а досега закажани се 5.976 термини за вакцинација на граѓани над 77-годишна возраст.
    • Министерот за здравство Венко Филипче денеска напладне кажа дека од закажаните термини до тој период, 20 отсто од граѓаните не се појавиле за вакцинација.
    • Вакцинацијата против ковид-19 со „АстраЗенека“ на лица над 77 години почна денес во скопските поликлиники „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт“, во Здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци. Со оваа вакцина почнува масовната имунизација против ковид-19 во земјава, а се однесува на граѓани кои се опфатени во првата фаза и спаѓаат во групата 1Б, од Националната стратегија за ковид имунизација. Во неделата во земјава стигнаа 24.000 вакцини на „АстраЗенека“, а за лицата над 75 години ќе се искористат 20 илјади дози, додека пријавени се нешто под 20.000 луѓе.
    • „Вакцината на ‘АстраЗенека’ е безбедна за возрасните групи граѓани со кои денеска ја започнавме вакцинацијата“, рече денес Филипче. Тој кажа и дека денеска до пладне нема ниту еден случај со несакана реакција од вакцинираните.
    • Лица помлади од 60 години во земјава нема да се вакцинираат против ковид-19 со вакцината на „АстраЗенека“, кажа министерот за здравство Филипче, откако вчера Канада ја суспендираше употребата на оваа вакцина за лицата под 55 години, а Германија за лица под 60 години, врз основа на моментално достапните податоци за појава на ретки, но многу сериозни несакани ефекти поврзани со тромбоза. Исклучително ретки случаи на посериозни тромботични несакани ефекти од Астра зенека засега се појавиле само кај помладите од 60 години. Статистички, само 1 случај на 125.000 вакцинирани или 1 на 1 милион вакцинирани појавиле вакви ефекти што значи дека нема простор за никаква паника, кажа Филипче.
    • Филипче денеска кажа дека 28-годишна девојка се лекува во болница поради тромботична реакција после примена вакцина на „АстраЗенека“ против ковид-19 во Србија, а реакцијата се јавила после 6-7 дена од вакцинирањето.
    • Граѓаните кои веќе ја примиле вакцината во Србија не треба ништо превентивно засега да прават. Сериозни компликации се исклучително ретки и кај нив исто така нема простор за паника. Сите граѓани кои примија една доза вакцина ќе бидат и ревакцинирани, согласно препораките кои ги очекуваме во следниот период, кажа денеска Филипче.
    • Од петок ќе започне вакцинацијата во Тетово ,Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.
    • Вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени, ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок.

    Досега во земјава со „Фајзер“ и „спутник“ се вакцинирани 7.005 лица, односно, здравствени работници од Ковид-центрите. Министерството сѐ уште нема податоци колку македонски граѓани се вакцинираа во Србија.

    Поради суспензијата за давање на оваа вакцина на лица под 60 години, во моментов е замрзнат и планот четири илјади вакцини од пратката од 24.000 дози од „АстраЗенека“ од почетокот на следната недела да се употребат за вакцинација на критичната државна инфраструктура во земјава. Во критична инфраструктура влегуваат следните групи: вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР), кои се најизложени на ризик а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот, вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП „Скопје“, пожарникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините.

    Во април се очекува втората пратка од „АстраЗенека“, односно 76 илјади дози преку Ковакс-механизмот, како и вакцините од Кина.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира