ЗЕМЈОТРЕС ГО ПРЕКИНА СУДЕЊЕТО ЗА „ТИТАНИК“, СУДИЈАТА ШАБАНИ ЧЕКАШЕ ДА ПРЕСТАНЕ ДА СЕ ТРЕСЕ КРИВИЧНИОТ СУД

    ЗЕМЈОТРЕС ГО ПРЕКИНА СУДЕЊЕТО ЗА „ТИТАНИК“, СУДИЈАТА ШАБАНИ ЧЕКАШЕ ДА ПРЕСТАНЕ ДА СЕ ТРЕСЕ КРИВИЧНИОТ СУДОвој случај има 21 обвинет сосе избеганиот експремиер Никола Груевски, што значи беа денеска 20, меѓу нив и поранешниот министер Миле Јанакиески. (архивска фотографија)

    Судијата Осман Шабани и советот кој е на судењето за „Титаник“, утрово неколку минути чекаа да престане да се ниша зградата на Основниот суд Скопје 1, откако во 10. 20 часот се почувствува земјотрес. Епицентарот на земјотресот со магнитуда од 5,4 степени што се почувствува и во Скопје беше 79 километри југозападно од Сараево, БиХ.

    Овој случај има 21 обвинет сосе избеганиот експремиер Никола Груевски, што значи беа денеска 20. Има уште толку адвокати и новинари, сведоци, обвинителката, Лиле Стефанова, судска полиција, дактилограф итн, па додека траеше тресењето, некој од судискиот совет побара да не се создава паника во судницата.

    Сите присутни се вознемирија, судијата Шабани молчеше додека чекаше зградата, да престане да се ниша.

    Кога се смири состојбата, судењето продолжи со сослушувањето на Дитурим Сулејмани, сведок, вработен во ПС Ресен, кој кажуваше како групи луѓе од Пустец биле фотографирани за лични карти со мобилни станици на МВР кои се користеле за ментално болни лица сместени во институции и за лица со телесен инвалидитет.

    „Ги носеа на сликање за лични карти во Ресен како најблизок град до Пустец. Сите беа регистрирани на улица Димче Мирчев бб, по десетици луѓе во еден стан. Реагирав зашто имаа чудни и непотполни документи уште на почетокот. Претпоставената ми кажа дека морам сите такви документи да ги примам, оти таква наредба има од горе“, сведочеше Сулејмани.

    За злосторничко здружување и тешки изборни нерегуларности, освен Груевски, во „Титаник“ обвинети се и Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Илија Димовски, Едмонд Темелко, потоа Мунир Пепиќ и Кирил Тодоровски од Агенцијата за разузнавање и други лица од ВМРО-ДПМНЕ, како организатори на кражба на три изборни циклуса.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари