Зголемувањето на платите од пет отсто во училиштата, градинките и здравствените установи ќе стартува со септемвриската плата, а исплатата ќе биде во октомври, кажа министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес-конференција.
Тој рече дека промената на платите не е голема, но дека во моментов е во согласност со можностите и дека со тоа сакаат да покажат дека зајакнувањето на секторите здравство и образование се приоритет.
„Образованието и здравството се темели на општеството и не смееме да дозволиме земјата да биде на дното на Писа тестовите, не смееме да дозволиме докторите да се иселуваат или да си одат од јавното здравство. Решени сме да вложуваме во човечкиот капитал. На земјава ѝ требаат среќни и квалитетни наставници, кои ќе ги учат нашите деца, нѝ требаат задоволни и квалитетни доктори кои ќе нѐ лекуваат во јавното здравство“, кажа Тевдовски.
Министерот за образование Арбр Адеми рече дека за последниот квартал во буџетот на министерството предвидени се 145 милиони денари, а за следната година 580 милиони денари. Тој кажа дека најнискиот износ на плата во основното образование е 12.714 денари и во средното образовани 13. 117 денари.
Со зголемување на платите во здравството од пет проценти, платата на професорите на Универзитетските клиники се зголемува за 5.300 денари, на докторите специјалисти на универзитетските клиники за 4.500 денари, на медицинските сестри на Универзитетските клиники со високо образование 2.000 денари, на средномедицинскиот кадар за околу 1.500 денари. Во општите болници наставниот кадар ќе зема поголема плата за околу 4.700 денари, а лекарите специјалисти во општите болници за 4.060 денари, медицинските сестри со високо образование за 2.050 денари, а средномедицинскиот кадар во општите болници ќе зема плата поголема за 1.055 денари.
Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека пакетот потребни дополнителни буџетски средства за зголемување на најниската плата на сите 19.123 вработени во јавните здравствени установи изнесува 469 милиони денари на годишно ниво, 39 милиони на месечно ниво.
„Можеби пет проценти звучат малку атрактивно, но ако се земат предвид сите факти сметам дека покачувањето треба да се потенцира. Свесни за сите состојби во македонското здравство максимално се обидуваме да обезбедиме оптимални услови и соодветен систем во кој пациентите се во центарот на вниманието и да ги мотивираме здравствените работници да даваат поквалитетни здравствени услуги. Како министер за здравство и како доктор убеден сум дека со зголемување на надоместокот за прекувремена работа, дежурствата и ноќен труд, нешто што го направивме претходно оваа година,и сега со зголемување на платите ќе биде значаен стимул за подобрување на положбата и достоинството на сите вработени во здравството“, рече Филипче.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска кажа дека за зголемување на платите на вработените во детските градинки од пет отсто предвидени се 15 милиони денари, а дека лани иссто така на оваа група вработени платите им се зголемени за 2 отсто.