Лидерот на СДСМ Венко Филипче бара Владата да донесе нов Кривичен закон (КЗ), бидејќи смета дека е лош оној кој го донесе неговата партија лани, а со кој на обвинетите корумпирани функционери има застаруваат делата. Филипче денеска на брифинг со новинарите кажа дека за време на изборната кампања, средбите со граѓаните и резултатите на изборите увиделе дека направиле грешка со измените кои ги предложија и ги изгласаа во Собрание.
„Има Кривичен законик во Министерството за правда изработен во 2017 година кога министерка беше Рената Десковска. Предлагам до Владата да се донесе тој закон и да се поправи грешката што ја направивме“, рече Филипче.
На прашање зошто не ги послушале реакциите на јавноста кои беа доста остри кога се предложи овој закон со кој паднаа обвиненијата на сите функционери, Филипче рече дека тоа јасно го виделе во кампањата.
„Сметам дека не треба да се оди слепо напред, затоа сега за првпат го споделувам ова и очекувам Владата да се изјасни по овој предлог“, додаде Филипче.
Тој не знаеше да каже зошто кога веќе имало нов закон од 2017а не се донел, туку се предложија и изгласаа сосема нови измени .
На 6 септември 2023 преку ноќ и по брза постапка (со европско знаменце), власта на СДСМ и ДУИ, а ВМРО-ДПМНЕ беше соучесничка правејќи кворум на седницата, предложи и донесе измени на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната е намалена на една до пет години затвор. Тоа значи дека предметите за злоупотреба на функцијата сега ќе застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.
Ставот 5, кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените е избришан и веќе не постои. Измените стапија на сила на 15 септември 2023.
Измените на Кривичниот законик се донесоа со европско знаменце, во забрзана постапка, бидејќи, како што кажа претставникот на Владата на седницата, од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на ЕУ. Но, токму измените на членот 353 кој се однесува на криминалот на функционерите, не е меѓу тие 35 членови.
Министерството за правда, Владата и Собранието, со тоа извршија упад во правниот систем и самите донесоа измени на КЗ за уништување на предметите на СЈО и на ОЈО за организиран криминал, во кои се гонат поранешни функционери.
Со намалувањето на казните за Злоупотреба на службената положба и овластувањата и за кривичното дело злосторничко здружување, за кои се обвинети или осудени ексфункционерите од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се ослободува веднаш од пресудата од 9 години затвор во предметот „ТНТ“ каде од политичка одмазда урива комплекс „Космос“, како и од обвинението за криминал со кинеските автопати, познато како „Траекторија”.
Со измените, каде затворските казни за овие кривични дела значително се менуваат, веднаш се прекина и кривичното гонење на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев за кинеските автобуси, потоа на Сашо Мијалков во „Тврдина-Таргет”, а најверојатно и во „Трезор” за кои апелационите судии Енвер Беџети и Лирије Елези со чување во фиока се погрижија да помогнат во истекот на време, т.е. во застарувањето. Натаму, Миле Јанакиески и сообвинетите или другите осудени, се ослободуваат од случаите „Топлик” и „ТНТ”. Во суд веќе не мора да одат ни пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, ни Љупчо Димовски од Социјалистичка партија, партнерка на ВМРО-ДПМНЕ. Милошоски и татко му на раат ќе си располагаат со општинската зграда за која беа обвинети дека незаконски ја присвоиле за себе. Се спасуваат и други обвинети и осудени ексфункционери за злоупотреби, бидејќи во нашиот правен систем, секогаш важи поблагиот закон за обвинетите или осудените.
Обвинетите функционери за кои настапува застареност на кривичното гонење може да побараат и Надомест за притворот кој со запирањето на истрагата би бил неоснован. Исто така, ним треба да им бидат исплатени судските трошоци за водењето на постапките.
А. АНТЕВСКА