„15 дена чекав термин за биопсија на рак на дојка во јавно здраство. Немаше, па морав да платам на приватно“, „Оперирана сум пред 32 години од рак на дојка, сега имам метастази на лимнфи жлезди и со месеци чекам термин за пет-скен и за магнетна резонанца“, се дел од одговорите на анкетата на САКАМДАКАЖАМ.МК што ја спроведовме преку нашата алатка за анонимно пријавување граѓански проблеми.
„Едноставно кажуваат дека има многу гужва и не знаат кога ќе дојдам на ред“, вели една граѓанка.
Министерот за здравство Арбен Таравари на 3 октомври кажа дека Македонија е земја каде најмалку се чека за магнетна резонанца. Болните пак велат, без врски, се чека со месеци. Во Поликлиниката Идадија кабинетот само работи прва смена, а Таравари тогаш кажа дека треба да се обезбеди дополнителен медицински кадар за да може да работи и втора смена.
Според последните податоци од Институтот за јавно здравје, расте бројот на смртни случаи од рак на дојка, а според неодамнешна анализа на повеќе невладини организации, поради отсуство на сеопфатен скрининг на секоја втора година, се пропушта рана детекција на рак на дојка кај 796 жени во период од 2 години, односно 398 жени годишно.
Анализата „Главни економски аргументи за инвестирање во Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања“ е дел од проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“ поддржан од Швајцарската амбасада преку програмата Сивика Мобилитас, а партнерски го спроведуваат ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение ЕСЕ, Заедно посилни и Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари.
- НЕМАЊЕТО ТРАНСПАРЕНТЕН СИСТЕМ ЗА ЗАКАЖУВАЊЕ ОПЕРАЦИ Е РАЈ ЗА КОРУПЦИЈА, ВЕЛАТ ХИРУРЗИТЕ ЗА РЕАКЦИИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ ДЕКА ТЕРМИН ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО СЕ НАОЃА САМО ПРИВАТНО
- РАСТЕ БРОЈОТ НА НОВИ БОЛНИ И СМРТНИ СЛУЧАИ ОД РАК НА ДОЈКА, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ
Според ИЈЗ, во Македонија најчеста причина за смрт од малигни неоплазми кај жените во периодот 2010-2023 година е ракот на дојка. Од рак на дојка во 2010 починале 310 жени со стапката на морталитет од 30,0/100000 жени, во 2021 337 жени со стапка од 32,6, во 2022 година 356 жени со стапка од 38,5 и во 2023 година 346 жени со стапка од 37,5 на 100000 жени.
Ракот на дојка е на прво место во бројот на новорегистрирани случаи од малигни неоплазми кај жени во Македонија во периодот 2017-2021 година. Во 2017 биле регистрирани 808 новозаболени жени од рак на дојка со стапка на инциденца 78.03/100000 жени, во 2019 година 778 со стапка на инциденца 75.13/100000 жени, а во 2021 година 806 со стапка на инциденца 87.08/100000 жени. Во анализираниот период бројот на новозаболени жени од рак на дојка осцилира.
Во Македонија годишно, според анализата, се пропушта дијагностицирање и лекување од рак на грло на матка кај 24.137 жени.
Ракот на дојката е најчесто малигно заболување кај жените и најчеста причина за смрт. Секоја осма жена ќе се соочи со ова заболување во текот на својот живот. Со детекција во рана фаза се намалува смртноста и до 30 отсто. Инциденцата во Македонија (бројот на новорегистрирани случаи во текот на една година) и смртноста (морталитетот) сè уште не покажуваат значителни промени на опаѓање (неопходно да се постигне опфат од најмалку 70% од популацијата под ризик и тоа за период од 2 години за да се постигне битно намалување на смртноста од рак на дојка).
Годишно се дијагностицираат просечно од 700 до 800 нови случаи. Националната програма за рано откривање на ракот на дојка во Македонија започна да се спроведува од 2015. Жени на возраст од 40-69 години се покануваат за мамографски преглед на две години преку покани / пријавување преку интернет.
Доколку се искористи пописот на населението од 2021, според кој жени од 40-69 години има 379.199 од кои 70% би требало да бидат опфатени со програмата во период од 2 години (односно вкупно 265.439 или 132.719 годишно), и доколку се земе едноставно процентот на жени со суспектни наоди од 2019 година од 0.3%, во тој случај Македонија поради отсуство на сеопфатен скрининг на секоја втора година пропушта рана детекција на рак на дојка кај 796 жени во период од 2 години, односно 398 жени годишно (наспроти 3, односно 5 жени во 2020 и 2019 година респективно).
Карциномот на грлото на матката во светот учествува со 10% во вкупниот број на малигни неоплазми. Тој е дванаесетти по честота и петти по смртност рак кај жените во светот. Овој скрининг има најдолга историја во Македонија. Во годишните програми има формулација дека скринингот се смета за успешен доколку во период од 3 години се опфатат 75% од жените на целната возрасна група. Но, програмите немаат дефинирано годишни индикатори за успешност (иако во некои постои 5% индикатор од таргетираната популација да биде предмет на скрининг, а тоа е далеку од потребното ниво на скрининг за да се оствари посакуваниот опфат за 3 години од 75%).
Доколку се земе бројот на таргетирани жени од 21 до 59 години дека е 461.381, за да се постигне успешноста на програмата од 75% на жените во период од 3 години да имаат скрининг, тоа значи дека годишно програмата треба да опфати по 115.345 жени.
Доколку пак се искористат резултатите од 2019 година, каде 21% од наодите се позитивни, годишно би се откривале 24.222 жени со позитивни наоди (наспроти 2.717 жени во 2019 година), на кои доколку навремено се делува, квалитетот на живот нема да им се намали, а и стапката на смртност во Македонија значително ќе се намали од овој вид на малигно заболување.
Македонија преку овој пристап на програмата пропушта годишно да дијагностицира и да лекува 24.137 жени.
Б. НЕСТОРОСКА