ВМРО-ДПМНЕ СО СВИРЧИЊА ПРОТИВ ИЗБОР НА КАЦАРСКА ЗА УСТАВЕН СУД ОТИ ГИ ОСУДИ ГРУЕВСКИ И НАСИЛНИЦИТЕ ОД 27 АПРИЛ 2017

    ВМРО-ДПМНЕ СО СВИРЧИЊА ПРОТИВ ИЗБОР НА КАЦАРСКА ЗА УСТАВЕН СУД ОТИ ГИ ОСУДИ ГРУЕВСКИ И НАСИЛНИЦИТЕ ОД 27 АПРИЛ 2017Тензија и свирење со свирчиња се случува во пленарната сала во Собранието додека зборуваат пратениците од владејачкото мнозинство, паралелно со аплауз од другата страна, на седницата за избор на судијката Добрила Кацарска за уставен судија (Фото: Собраниски канал/принтскрин)

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дојдоа со транспаренти, маички и свирчиња на седницата за избор на предлогот судијката Добрила Кацарска да биде избрана за член на Уставниот суд. Таа го осуди експремиерот Никола Груевски, по што тој избега во Унгарија за да не оди во затвор. Ја осуди групата која организирано упадна во Собранието на 27 април 2017 година и изврши терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата.

    Тензија, свирење со свирчиња додека зборуваат пратениците од владејачкото мнозинство, паралелно со аплауз од другата страна. Долгогодишната судијка Добрила Кацарска од Основниот кривичен суд е предлог на Судскиот совет.

    Според критиките што се забележани за судството во извештаите за Република Северна Македонија, Добрила Кацарска не се пронаоѓа таму, зашто единствено таа со 34-годишното судиско искуство успева во нормален рок за обвинетите и за другите странки во постапката, да ги завршува судските постапки во законските рокови.

    Но, Гордана Силјановска – Давкова не мисли така. Кажа дека со право судството е наречено „кацарска – судство“, ја критикуваше дека не е за во Уставниот суд, зашто имала сиромашна биографија, пристрасно се однесувала, не го почитувала правото на правично судење. Тука ВМРО-ДПМНЕ аплаудираше.

    По неа излезе Снежана Калевска-Ванчева и почнаа свирежите. На претходните закани од Силјановска-Давкова дека „наскоро ќе стаса абер од Стразбур“, таа кажа дека стигнаа многу абери оттаму за серијата разрешувања на судии од Михајло и Филимена Маневски, на кои судии сега ние треба да им се извиниме и да им плаќаме претрпена отштета.

    Егзекутор на опозицијата и ловец на некомуњарски глави, Бог во кој верува Заев, џелат на власта…беа само дел од етикетите за неа изречени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, облечени во маички со испечатен лик на Кацарска, со натпис дека таа значи неправда.

    Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ како и неговите колеги од опозицијата се заканија со кривична одговорност за Кацарска и за тие што ја поддржуваат, а на осудените за 27 април пак им ветуваа дека ќе дошла правдината и светлиот ден за нив.

    Спикерот Талат Џафери ги замоли пратениците кога свират, да не ги вадат маските кога свират, оти го загрозуваат здравјето на другите колеги пратеници.

    „Граѓаните ве гледаат без маски, нив ги казнуваат надвор за неносење маски. Не можам да ве казнам, но пазете се од морална казна“, им рече Џафери.

    Расправата за изборот продолжува утре.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира