Во Тимјаник, неготинско, сепак ќе се отвори мал групен дом за деца со попреченост, соопшти министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, по вчерашната посета на ова село и на Неготино, каде заедно со градоначалникот Тони Делков се сретна со локалните жители.
Жителите на Тимјаник пред 2 недели протестираа против проектот за изградба на мал групен центар за деца со попреченост во кој треба да бидат сместени три деца, и со викање и велеа на министерката дека не сакаат нивните деца да бидат во средина со такви деца оти немало кој да ги заштити од нив.
„Да си го повлечете проектот. Нема да дозволиме Тимјаник да стане Демир Капија. Нашите деца од нормални, ќе станат нездрави. Мирот им го земате на децата. Тие тука си играат сред село, а сега кој ќе ги заштити од овие деца кога ќе ги нападнат. Ние немаме градинка за нашите деца, а вие тука ни правите дом. Зошто не ги однесете во здравствениот дом во Неготино таму има простор, туку не може. Нема да ги пуштаме нашите деца во школо ако продолжите со планот“, ѝ велеа жителите на Царовска на средбата на 11 јуни.
Царовска вели дека сега недоразбирањата се минато, а подготовките за малиот групен дом во Тимјаник продолжуваат.
„Никогаш не се сомневав во хуманоста на нашите граѓани и верував дека првата несакана епизода е само недоразбирање. Драго ми е што овој пат имавме многу конструктивна дискусија и жителите дадоа поддршка на она што го правиме. Јас верувам дека Тимјаник ќе биде симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа“, рече Царовска.
Таа соопшти дека Министерството за труд и социјална политика е во комуникација со другите општини коишто изразија подготвеност за отворање на мали групни домови. Истовремено, Министерството во соработка со УНИЦЕФ ја промовира и кампањата „На секое дете му треба семејство“, за да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов.
„Кампањата досега постигнува одличен успех, повеќе од 100 лица изразија желба да згрижат дете . Борбата за похумано општество и заштита на децата ќе биде и понатаму главен фокус на Министерството“, вели Царовска.