ЅИНГО Е КАЈ МЕНЕ, ДА НЕ ЗАБОРАВИШ ДА ГО ВКЛУЧИШ ВО ГРАДБАТА НА КИНЕСКИВЕ АВТОПАТИ, МУ ВЕЛИ ГРУЕВСКИ НА МИЛЕ ВО БОМБИТЕ

    ЅИНГО Е КАЈ МЕНЕ, ДА НЕ ЗАБОРАВИШ ДА ГО ВКЛУЧИШ ВО ГРАДБАТА НА КИНЕСКИВЕ АВТОПАТИ, МУ ВЕЛИ ГРУЕВСКИ НА МИЛЕ ВО БОМБИТЕПретставници на одбиената компанија СВЕ барале прием кај тогашниот премиер Никола Груевски. - Груевски на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1 (Фото: Ѓ. Личовски)

    Обвинетиот ексминистер Миле Јанакиески на секретарката на обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски ѝ вели „лошо е да ги примиме во оваа фаза Кинезиве што изгубија, тие се одбиени, зошто да ги примиме?“ во последните, од над 300 пуштени бомби за незаконскиот тендер за кинеските автопати на судењето за предметот на СЈО „Траекторија“.

    Претставници на одбиената компанија СВЕ барале прием кај тогашниот премиер Никола Груевски, но работата веќе била средена, со договор во 4 очи и надвор од Законот за јавни набавки, со кинеската „Синохидро“.

    Во друг разговор Груевски му вика на Миле: „Ѕинго е кај мене, да не заборавиш да го вклучиш во изградбата на кинескиве автопати. Кога ќе дојде моментот, треба да внимаваш“.

    „Обвинетиот Груевски, мотивиран од „пет на целото“, го искористил своето реално влијание и службената положба како премиер и побарал од обвинетиот Владимир Пешевски, како вицепремиер, и Миле Јанакиески, како министер за транспорт и врски, да извршат избор на компанија за изградба на автопатите без да спроведат постапка за јавни набавки“, рече обвинителката од СЈО Лиле Стефанова во воведните зборови.

    СЈО тврди дека бил заобиколен Законот за јавни набавки и само со директен договор со кинеската компанија „Синохидро“ склучен во октомври 2013 година започнала градбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Стефанова рече и дека покрај понудата на „Синохидро“, владата на тогашниот премиер Груевски добила преку Пешевски и Јанакиески понуда и од компанијата „СВЕ“. Дополнително, „СВЕ“ самоиницијативно ѝ дала понуда на владата за изградба на автопатите со пониска сума од 4.800.000 евра. По доставените две понуди, Пешевски и Јанакиески првин ги повикале двете компании, а потоа ја прекинале комуникацијата со „СВЕ“.

    Обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор. За да се потпише таков меѓувладин договор, нужно било првин да биде донесен посебен закон. Сè дотогаш важи законот за јавни набавки, стои во обвинението.

    Јанакиески и Пешевски ја примиле поевтината на понуда за речиси 5 милиони евра, но не ја доставиле до ЈП за државни патишта, ниту пак ја зеле предвид.

    На 10.10 2013 година, во консултација со тогашниот премиер Груевски, Пешевски и Јанакиески до Собранието доставиле предлог-закон за изградба на двете делници, лажно прикажувајќи им на пратениците дека „Синохидро“ има поповолни понуди за двата автопата со што ја скриле понудата на „СВЕ“.

    Според обвинителката Лиле Стефанова, обвинетите го оштетиле државниот буџет за 155.117.256 евра, а тоа е разлика меѓу цената која ја плаќаме како држава на „Синохидро“ и цената која таа ја плаќа на подизведувачите кои ги градат автопатите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира