ЅИНГО НАПРАВИ КОНТРАПРОСЛАВА НА 11 ОКТОМВРИ ВО КУМАНОВО

    ЅИНГО НАПРАВИ КОНТРАПРОСЛАВА НА 11 ОКТОМВРИ ВО КУМАНОВО

    Две прослави за 11 Октомври – Денот на антифашистичкото востание на македонскиот народ се одржаа денеска на Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ во Куманово. Покрај официјалното одбележување на празникот што го организираше Општина Куманово, на исто место, само час порано, своја прослава имаше и Социјалистичката партија на Македонија. Градоначалникот Зоран Дамјановски – Циц рече дека е  изненаден од паралелната прослава на 11 Октомври.

    „Во мојата 12-годишна практика во политиката се нема случено посебно, со паралени протоколи, да се одбележува 11 Октомври во Куманово, градот првоборец и град херој кој даде 800 жртви во борбата против фашизмот. Ова јасно укажува во кој правец се движи Република Македонија, поделена по сите основи. Нѐ делат и на државни празници, кои значат државотворност на Македонија. Жал ми е за ваквиот начин на покажување на ароганција и поделби во земјава. Од ова свето место апелирам до сите разумни луѓе во Македонија да почнеме да градиме заедништво, тоа е основен концепт по кој може да опстане Македонија како мултиетничка, мултикултурна и држава на сите граѓани“, изјави Дамјановски по завршување на официјалниот дел.
    Посебната прослава на Социјалистичката партија се одржа од 9 часот и беше многу масовна, присуствуваше целото партиско раководство, а се обрати лидерот Љубисав Иванов – Ѕинго. Покрај од Куманово, со автобуси пристигнаа членови од Кратово, Крива Паланка, Пробиштип, Штип и помалите општини во североисточниот регион. Река луѓе се враќаа од Спомен костурницата, додека делегациите за општинската прослава доаѓаа на прославата закажана во 10 часот. Присутните беа збунети што се случува.

    Од Социјалистичката партија немаа коментар за паралелната прослава.
    На свеченоста што ја организираше Општина Куманово, присуствуваа претставници од кабинетот на Претседателот, Владата, Собранието, АРМ, МВР политички партии, Советот, замениците министри за култура, МВР и министерството за труд и социјала, пратеници и граѓани. Пред присутните се обрати градоначалникот Дајмановски, но замениците министри си заминаа и не го слушнаа неговиот говор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира