Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро гo осуди вицепремиерот Владимир Пешевски, кој минатата недела, по прес конференцијата на која го претставувал извештајот на Дуинг бизнис за Македонија, навредил новинарка од дневниот весник „Вест“, и побара тој да си даде оставка или премиерот Емил Димитриев да го разреши, како и јавно да ѝ се извини на новинарката.
На споменатиот прес, на прашањето на новинарката дали Владата размислува да ја покачи старосната граница на 67 години за одење во пензија, со барање вицепремиерот да одговори со “да“ или со “не“, тој не одговорил. Веднаш по завршувањето на пресот, штом се исклучиле камерите и микрофоните, тој отишол кај новинарката и ја прашал: „Дали вие можете да одговорите со да или не, ако ве прашам дали твоите дома знаат дека си проститутка?“
“Пешевски покажува дека нема основно домашо воспитување и политичка култура, која се граничи со силеџиство и примитивизам. Ваквиот напад не е вперен само кон еден професионален новинар, на кој основна задача е да поставува непријатни прашања за политичарите, туку е напад и врз слободата на медиумите“, смета ЗНМ и додава: “Бараме вицепремиерот Пешевски, кој лани среде бел ден нападна новинар, јавно да се извини на новинарката, но и да поднесе политичка одговорност. Или сам да поднесе оставка или премиерот Емил Димитириев да го разреши. Го потсетуваме Димитриев дека за слични навреди кон новинарка, српскиот премиер го разреши министерот за одбрана“, реагира ЗНМ и бара од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да не го кандидира Пешевски за пратеник на престојните избори.
Ваквите напади, наведува Здружението, имаат за цел да ги омаловажуваат и заплашуваат новинарите да не бараат отчет од работата на јавните функционери и да ја убијат смислата на улогата на новинарството во демократско општество. ЗНМ е непријатно изненадено и од однесувањето на колегите новинари кои биле присутни на настанот и не реагирале на навредите на Пешевски.
Вицепремиерот Пешевски денеска не одговори на СМС пораката од САКАМДАКАЖАМ.МК со прашање дали јавно ќе ѝ се извини на новинарката што ја навредил и дали ќе го коментира барањето на ЗНМ за оставка. Наместо тоа одговори: „Објаснето е во текстот на Героски“.
Во колумната насловена „За наводниот ‘скандал’ на Пешевски и за наводната ‘вест’ на Мактел“, главниот уредник на порталот Плусинфо Бранко Героски, повикувајќи се на негова „проверка на фактите од другата страна“, вели дека Пешевски ѝ се извинил на новинарката на “Вест“ во присуство на уште две лица во нејзината редакција.