ЗОРАН МИЛЕСКИ ЌЕ ОСТАНЕ ЗАТВОРЕН ВИКЕНДОВ, А ОД ПОНЕДЕЛНИК ТЕШКО

    ЗОРАН МИЛЕСКИ ЌЕ ОСТАНЕ ЗАТВОРЕН ВИКЕНДОВ, А ОД ПОНЕДЕЛНИК ТЕШКОЗоран Милески на изрекувањето на пресудата за случајот „Рекет“. Тој призна вина и беше осуден на три години затвор, кои ги отслужува во отвореното одделение во затворот во Струга. (Фото: СДК.МК)

    По спроводот од затворот во Шутка, назад во тој во Струга, осудениот во „Рекет“ Зоран Милески-Кичевскиот ќе седи затворен два дена, но не дека му се тргнати привилегиите од отвореното одделение, туку дека е викенд.

    Во отворените одделенија или затвори, како што е тој во Струга, осудениците дење одат на работа 8 часа, потоа се враќаат во затворот. Треба дозвола за слободен викенд.

    Од Управата за извршување на санкциите велат дека тие само постапуваат по решенијата на судовите и по законите, колку и да се со недоречености, како што е случајот со Милески: Осудено лице кое лежи во затвор од отворен тип добива прекин на казна да се лекува, а тој прави ново кривично дело за време на прекинот. Судија на претходна постапка му одредува притвор, а тројца негови колеги од истиот суд како Кривичен совет, му ја укинуваат зашто сметаат дека на затвореник не може да му се изрекува мерка притвор.

    Проблемот велат е што на осудено лице кое сторило ново кривично дело, во случајов сообраќајка, кое не се смета во најтешки дела, не може да му се одземат привилегиите додека не биде поднесено обвинение за сообраќајката.

    Кога ќе биде поднесено новото обвинение, тогаш директорот на затворот Струга треба да формира комисија и таа одлучува за укинување на привилегиите што ги имал дотогаш.

    Соговорниците од Управата немаат одговор што ќе се случи од понеделник со слободното движење на осуденикот Милески. Велат дека тоа е ингеренција на директорот на затворот во Струга и дека за случајот на Милески, ќе се бара решение во Законот за извршување на санкциите.

    Основниот суд Гостивар, кој сè уште го нема објавено решението за укинување на мерката притвор на Зоран Милески, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели само дека решението е: „се упатува во затворот во Струга на доиздржување на затворската казна” за која беше осуден лани по признание на вина, на 3 години.

    Од Санкции велат дека не е првпат да се случи осудени лица за време на прекин на казната да извршат нови кривични дела, како што е случајот со Милевски. Според обвинителката истрага, тој ја предизвикал тешката сообраќајна несреќа пред една недела кај Стража, во која едно лице го загуби животот, а седуммина беа повредени.

    Овој случај, велат оттаму, сепак е поспецифичен, зашто затвореникот кој не може според судот да има и притвор, е некласичен затвореник, казната ја издржува во отворено одделение од тип А.

    „Сами без решение на суд или без обвинение за ново дело, ние да укинуваме привилегии, затвораме, ослободуваме, преместуваме осудени лица..не е можно ако нема насока во законот”, велат од Управата за извршување на санкциите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира