ЗОРАН МИЛЕСКИ ОСУДЕН НА 3 ГОДИНИ ЗАТВОР ВО „РЕКЕТ“

    ЗОРАН МИЛЕСКИ ОСУДЕН НА 3 ГОДИНИ ЗАТВОР ВО „РЕКЕТ“Другите двајца обвинети Бојан Јовановски - Боки 13 и Катица Јанева вчера рекоа дека не се виновни и за нив судењето продолжува. - Од денешното изрекување на пресудата за Зоран Милески-Кичеец (Фото: Ѓ. Личовски)

    Основниот кривичен суд денеска го осуди неправосилно третообвинетиот во „Рекет“ Зоран Милески-Кичеец на 3 години затвор за кривичното дело „Примање награда за противзаконско влијание“. Тој на почетокот на судењето за „Рекет“, вчера го призна делото, за разлика од другите двајца обвинети Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева, кои рекоа дека не се виновни и за нив судењето продолжува.

    Пресудата ја изрече судијката Васка Николовска-Масевска, а присутна во судницата беше и шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

    Меѓу олеснителните околности што ги зема предвид судот, судијката ги нагласи дека особено важно било што досега Милески не е осудуван, ниту пак се водат други постапки против него, како и дека покажал добро држење пред судот и придонел за ефикасно водење на постапката што се водеше против него со тоа што признал вина. За делото „Примање награда за противзаконско влијание“, предвидена е затворска казна од 1 до 10 години.

    Обвинителката Вилма Русковска предложи да му биде продолжен куќниот притвор до почнување на издржување на казната. Судот го прифати предлогот.

    Според обвинението, преку третообвинетиот Милески кој ги договарал средбите на Боки 13 и Орце Камчев во неговиот дом, Боки 13 го уверил сведокот Камчев дека Јанева ќе ги исполни, односно ги исполнила сите негови барања за олеснување на неговиот статус како осомничен и притворен во истрагата на СЈО „Империја“. Таа незнаејќи дека сведокот Камчев ги снима што зборуваат, како рекетираат и како Јовановски зема торба со пари од него, по телефон го уверува: „Сè ќе биде океј!“

    За посредувањето Јовановски и Кичеец примиле награда во вкупен износ од 1.500.000 (500.000 евра од Ана Камчева, сопруга на Орце, сведок во постапката и милион евра од него). Јанева за куќниот притвор и пасошот за себе прибавила значителна имотна корист и тоа предмети-мебел во износ од 296.040,00 денари кој за неа го набавил обвинетиот Боки 13 од фирмата „Зона мебел“ Скопје и пари во износ од 50.000 евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира