НЕ СЕ ПЛАШЕТЕ ОД „ТРЕСЕЊЕТО ГАЌИ“ НА РУСКОВСКА, ИМ КАЖА ЈАНЕВА НА СУДИИТЕ ВО „РЕКЕТ“

    НЕ СЕ ПЛАШЕТЕ ОД „ТРЕСЕЊЕТО ГАЌИ“ НА РУСКОВСКА, ИМ КАЖА ЈАНЕВА НА СУДИИТЕ ВО „РЕКЕТ“Обвинетата Катица Јанева рече дека оди со крената глава и може секого да погледне во очи. - Јанева на денешното судење за „Рекет“ (Фото: К. Попов)

    Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во воведните зборови како обвинета од „Рекет“ им кажа на судиите од судечкиот совет да не се плашат од „тресењето гаќи“ на обвинителката Вилма Русковска и побара од нив да судат без предрасуди. Обвинителката Русковска им се закани на апелационите судии дека ќе ги истресе од гаќи со финансиска истрага, откако на 19 ноември ја прифатија жалбата на Јанева и ја пуштија од затворот во Шутка во куќен притвор.

    Јанева во воведните зборови се наврати на нејзиното работење во СЈО.

    „Горда сум на формирањето на СЈО, на тимот кој го предводев четири години, на сите обвинители, истражители. Ја имав честа да формирам тим на обвинители и истражители. Секојпат сум била општествено одговорна“, рече Јанева и додаде дека оди со крената глава и може секого да погледне во очи.

    Јанева кажа дека за четири години во СЈО направиле 171 предмет и сите во различна фаза се предадени на Јавното обвинителство. Очекуваа тие да имаат завршница.
    „Одговорно тврдам дека како СЈО постапувала согласно закон и се што направила во СЈО ќе биде основа на изучување од следните генерации“, вели Јанева.

    Претходно, воведни зборови имаше и првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13, кој рече дека преку овој предмет се водат валкани политички игри кои паѓаат врз неговите плеќи и го обвини Обвинителството дека му го сатанизирало името, го довело до линч и поради тоа набргу згаснал неговиот медиум „1ТВ“.

    Обвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина и за него се очекува брза пресуда.

    Боки 13 е обвинет за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Јанева е обвинета за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, а Милевски за „Примање награда за противзаконито влијание“.

    Следното судење за „Рекет“ е закажано в петок (6 декември) кога ќе треба да сведочи Орце Камчев, кој ги пријави тројцата обвинети дека го рекетирале да му го олеснат статусот како осомничен и притворен во истрагата на СЈО „Империја“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари