Отворањето на Уставот и признавањето на Бугарите како малцинство во Македонија е во склоп на нашата политика кон етничките заедници, смета министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој вели дека ако нема ништо спорно во тоа Црногорците и Хрватите да бидат признаени како малцинство, тогаш зошто има проблем за барањето на бугарските граѓани?
За разлика од Хрватска и Црна Гора, Бугарија не го признава македонското малцинство во земјата и не спровела ниту една од 16-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за правото на македонското малцинство за регистрација на нивните здруженија.
„Со Рамковниот договор, Уставот се отвори за сите етнички заедници, но тука не беа вклучени Бугарите, ниту Црногорците и Хрватите. Отворање на Уставот е во склоп на политиката на ова држава кон етничките заедници. И сè додека е тоа барање на граѓани кои се од бугарска етничка заедница тоа не мора да се смета како барање на бугарската држава. Нема никаков спор кон барањето на Црногорците и Хрватите, зошто би имало спор за ова барање да се признае бугарско малцинство различно од македонското мнозинството? И ако тоа не го разбреме се враќаме во други теми кои едвај ги надминавме“, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање зошто МНР не реагира за тоа што Бугарија не признава македонско малцинство во Бугарија, додавајќи дека во нивното уставното уредување не се признаваат малцинства.
Османи кажа дека позициите со Бугарија сè уште се различни, но затоа се водат преговорите за да се најде решение.
„Мојата крајна цел е оваа држава да стане еворпска држава, да ги нормализира односите со соседите, зачуваќи тоа што е најважно за граѓаните. За тоа ми треба повеќе мудрост во делувањето отколку емоции. Во оваа работа или ќе водите со глава или со срце. Со срце може ќе ви донесе некоја популарност во моментот, ќе задоволува некои наши фрустрации, емоции и незадоволства, но на крајот нема да нè води таму кај што сакаме. Затоа мора оваа работа да биде со ладна глава и жешко срце, само така ќе може да го надминеме проблемот. Но, граѓаните може да бидат спокојни дека нема да дозволиме ништо што е суштински идентитетски за нив да се повреди“, рече Османи.
А. АНТЕВСКА