Неуставна, дискриминаторска, мешање на баби и жаби, несмасна… беа само дел од коментарите на уставните судии за Уредбата на Владата, со која беа сведени на минималец од 14.500 денари месечна плата уставните судии, сите судии и обвинители, пратениците, советници во општините, директори и други раководни лица, само за април и мај, како една од мерките за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.
Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка за уставноста на оваа Уредба со законска сила и забрани да се кратат платите. Платите на уставните судии и останатите функционери, остануваат во полн износ, како што си беа.
„Уставот гарантира право на соодветна заработувачка и тоа право со оваа уредба е повредено. Ние работиме со зголемен капацитет, бидејќи во услови кога Собранието не работи, имаме улога и да ја контролираме Владата и уредбите што ги носи. Со минимална плата, ние сме ставени како на милост, а сме разумни луѓе. Ние не заслужуваме како избрани и именувани лица вакво дереџе. Сите овде имаме минат труд, работен стаж, влог кој траел и неколку децении. Имам 20-годишен работен стаж, па кој е основот да ми го одземе некој тоа? Тоа е моја сопственост, чие право на таа моја сопственост ми го гарантира Уставот“, рече претседателот на Уставниот суд Сали Мурати.
Тој и кај претходната оспорена Уредба со законска сила за примена на Законот на буџетите кажа дека Владата дрско упаднала во буџетот на Уставниот суд, оставајќи му пари само за фотокопир и за плати на судиите. Кажа дека законот дава можност да се прераспоредуваат средства само до 20 отсто, а овде од едно место се зема по 70, па и 80 отсто за да се префрли на друго и праша:
„Дали е потребно сѐ да се зема? Од каде да знаеме ние за каде се овие пари? Знаеме дека владата ги користи за ковид? Зошто државата е неспремна, зошто нема државни резерви. Зошто од гладни луѓе да бидеме уште погладни, народски кажано?“
На ова судијата Владимир Стојаноски рече дека не е во ред па во Министерството за транспорт и врски, на пример, да стојат пари за субвенции за летови за „Визер“, а на Инфективната клиника да нема пари за опрема. Тој смета дека владата со уредба може да земе од тие ставки и да префрли во Министерството за здравство.
„Дали ако не можеше владата да префрла пари од едно место на друго, полицијата и војската ќе можеа да седат толку денови за време на кризната состојба во Дебар на пример?“, праша тој.
Но, постапка за оваа иницијатива не се поведе, владата ќе може да претура пари од една ставка во друга, за справување со пандемијата со коронавирус.
Уставните судии денеска најмногу се обединија кај владината уредба за кратењето на платите на функционерите, меѓу кои се и тие самите. Судијата – известител Никола Ивановски рече дека уредбата за намалување на платите на избраните и именуваните функционери, која ја оспори адвокат во целост, ја оспори посебно и Здружението на судии во делот за платите на судиите, а за неа поведе постапка по службена должност и самиот Уставен суд, се крши со 6 члена од Уставот и најмалку со уште толку закони. Уредбата имаше за цел солидарност кон здравствените работници на кои им требаат средства за справување со коронавирусот, но и солидарност со многу работници и сопственици во приватниот сектор кои престанаа да работат, отидоа на минималец и трпат енормни економски штети од пандемијата.
Тој денеска не само што побара да се поведе постапка за оценување на нејзината уставност, туку и предложи запирање на скратувањето на платите кај избраните и именуваните функционери, за да не тужат, како што рече, и државата да плаќа потоа поголеми трошоци.
Судијката Елена Гошева цитираше дел од иницијативата на Здружението на судии кое тврди дека „интервенцијата со кратењето не е општокризна мерка, туку е само за одредена група граѓани, на кои им се кратат енормни 80 отсто од платата“. Јас повеќе ништо нема да зборам, рече Гошева, алудирајќи дека владата дискриминира со уредбата.
Некој потоа кажа дека вонредната состојба е до 16 мај, а владата сакала да им земе до 31 мај. „На кој основ владата ќе зема од 16 до 31 мај?“, праша Ивановски.
„Замислете, сите судии и функционери на минималец, а на амбасадорите и конзулатите, ќе им се крати само по 20 отсто. Ова е класичен пример за арбитрарност!“, рече судијата Јован Јосифовски.
И уставниот судија Осман Кадриу кажа дека владата е конфузна.
„Ако се мисли дека овие носители на функции имаат највисоки плати и може да трпат вакво намалување на платите, погрешно е. Има вработени во агенции, кои имаат повисоки плати не само од нас, и од претседателот на државата. Во Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба просечната плата е 135.000 денари, а со уредбата е опфатен само директорот. Вонредна состојба има и во други земји, но јас не сум видел нигде да кратат плата по 80 отсто“, рече Кадриу, а Мурати дофрли:
„И придонеси!“.
Освен судијата Дарко Костадиновски, останатите за Владата рекоа дека прави дискриминација во вонредна состојба, се согласија дека оспорените уредби не се во корелација со законите, нешто што го бара уставот во вонредна состојба и нивната констатација за поведените постапки е дека овие владини уредби немаат врска со борба со коронавирус. Таква е и уредбата за надомест на заостанатите плати и трошоци на стручните служби во поранешното СЈО.
Уставниот суд поведе постапка и против владината уредба во време на пандемијата да не им се исплаќаат додатоци и надоместоци на плата на вработените во администрацијата, која генерално седи дома и не оди на работа.
С. К. ДЕЛЕВСКА