Обвинителствата се соочуваат со блокада на сметките за неисплатени додатоци од 35 отсто за 2016 година, за месеците кога на хартија стоеле задолжителни додатоци од третина плата за обвинителите, а во буџетот немало пари да се исплатат.
Кога се формираше поранешното Специјално јавно обвинителство, набргу се дозна дека тоа ќе има 4 милиони евра буџет на располагање, а на специјалните обвинители и на администрацијата, секој месец ќе им се исплаќаат по 35% додатоци на платата. Тогаш со правилник, поранешниот државен обвинител Марко Зврлевски донел одлука сите обвинители и службеници во редовното обвинителство исто така да земаат секој месец по 35 % покрај платата. Еден месец или два ги добиле додатоците, а потоа никогаш повеќе.
За неисплатените додатоци до 2017 година, кога бил сменет правилникот со што е утврдено јавните обвинители да добиваат додатоци на плата секој месец не по 35%, туку до 35 %, во зависност од тоа колку пари има во буџетот, тужеле многу обвинители и јавнообвинителски службеници. Со дел од нив споровите се завршени со спогодба, по што им биле исплатени спогодбени суми за долговите за додатоци до 2017 година. Тие што не сакале да се спогодат, добиле на суд и сега со извршители ќе им се исплаќаат парите од сметките на обвинителствата.
Сметките ќе се одблокираат на први јануари 2021 година, откако ќе стапи на сила Законот за Буџет наредната година и на сметките на обвинителствата ќе легнат пари.
Според правилникот кој важи од 2017 година, обвинителот потпишува додатоци на платите на вработените не повисоки од 35%. Обично пари има само за по околу 10% секој месец за секој обвинител, стручен соработник, административец во обвинителствата. Сега не може да тужат, зашто не стои веќе во правилникот „задолжителни 35% додатоци на платите секој месец, по основ на: посебни услови на работа, ризик и доверливост“.
Бидејќи е мала сумата на додатоци, на сите обвинители работеле – не работеле, им се исплаќа исто, за да не се испокараат. Без оглед и на бројот на предмети. Тие од Скопското обвинителство што се пренатрупани со работа, земаат исто со колегите од помалите гратчиња, каде што има значително помалку кривични дела и истраги.
Нема врска ни што во Обвинителството за организиран криминал и корупција кај Вилма Русковска, пола обвинители работат тешки случаи, другата половина полесни дела и помал број истраги. Сите земаат по околу 10 отсто додаток на платата, освен во исклучителни ситуации, кога некој обвинител, стручен соработник, истражител или административец ќе направи крупна грешка, па не добива тој месец додаток, само плата.
Русковска прва објави во интервју за „360 степени“ дека сметката на ОЈО за организиран криминал со кое таа шефува, има блокирана сметка од извршител, поради овој основ.
С. К. ДЕЛЕВСКА