13 ЗАГИНАТИ ВО ПРЕВРТЕНИОТ АВТОБУС НА ПАТОТ СКОПЈЕ-ТЕТОВО

    13 ЗАГИНАТИ ВО ПРЕВРТЕНИОТ АВТОБУС НА ПАТОТ СКОПЈЕ-ТЕТОВОВо текот на ноќта местото на несреќата ќе биде обезбедено, а увидот и извлекувањето на автобусот ќе продолжи во текот на утрешниот ден. (Фото: СДК.МК)

    13 патници загинаа во автобуската несреќа на излез од Скопје кон Тетово, кога патнички автобус на компанијата „Дурмо турс“ со 50 патници попладнево околу 17 часот излетал и се превртел од кај село Ласкарци, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче. Извлекувањето на настраданите заврши.

    Пожарникарите со багери го кренале автобусот и влегле да ги спасуваат патниците (Фото: СДК.МК)

    „Се преврте патнички автобус со 50 патници. Јас лично се упатив со возилата од Здравствен дом Скопје, а возила испратија и од приватните институции ‘Неуромедика’ и ‘Систина’. Во ‘8 Септември’ се примени 25 пациенти, 22 се хоспитализирани, 3 се полесно повредени. Во Одделот за интензивна нега кај двајца се спрема хируршка интервенција. Во Ургентниот центар на скопските клиники 5 се примени од кои три со полесни повреди, една пациентка е бремена жена, едниот пациент е во крајно тешка состојба. Една пациентка е во стара Градска болница. Вкупниот број на загинати лица е 13. Седум се на само место, пет се починати тука во ГОБ ‘8 Септември’. Можам да констатирам дека искрено жалам. За исклучително кратко време беше дадена итна помош. Нема деца меѓу повредените, има на возраст од 25 години нагоре. За жал, реанимацијата не беше успешна. Една е почината во стара Градска болница“, рече Филипче.

    Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој вечерва ги посети повредените, кажа дека автобусот возел на линија Скопје-Гостивар, а патниците биле главно гостиварци. Рече дека возачот на автобусот е жив и во релативно стабилна состојба, а Филипче кажа дека возачот дал изјава во полиција.

    Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје врши увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа, а според првичните информации од увидот, несреќата се случила попладнево кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ со гостиварски регистарски таблици преминал преку заштитната ограда на спротивна страна од автопатот, потоа излетал од патот и се превртел во близина на селото Ласкарци.

    „Во насока на утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител ќе издаде наредби за обдукција на починатите лица, како и за вонреден технички преглед на возилото. Во текот на ноќта местото на несреќата ќе биде обезбедено, а увидот и извлекувањето на автобусот ќе продолжи во текот на утрешниот ден. Возачот на автобусот е повреден и хоспитализиран, а од страна на надлежен јавен обвинител е издадена наредба за анализа на крв и урина“, соопшти Обвинителството.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира