Дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој завчера пијан, без возачка дозвола и минувајќи на црвено светло ја прегази и усмрти 22-годишната Фросина Кулакова, во 2022 удрил жена со кола. Тогаш имал 16 години.
Удрената жена била со полесни повреди и се откажала од кривично гонење, иако МВР тогаш му поднело пријава на детето возач.
„Против ова лице до обвинителството е поднесена уште една пријава на 01.02.2023 година за кривично дело од член 297 за сообраќајна незгода случена на 04.11.2022 година во која едно лице се здобило со полесни повреди. Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел Решение со кое не се презема кривично гонење согласно чл.43 од ЗКП, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на Буџетот на РСМ. Освен ова, МВР повело и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола. Други кривични пријави за лицето не се поднесени во јавното обвинителство“, кажа Обвинителството.
Во денешното соопштение, пак се наврати на постапката за делото поседување и продажба на дрога, за кои судија од Кривичниот суд лани место да го осуди на затворска казна, го пуштил со воспитна мерка, иако кога бил фатен Јованов имал 19 години и бил полнолетен, а веќе го имало и во евиденцијата на истражните органи дека на 16 години удрил со кола во жена и ја повредил.
„Против лицето МВР поднело кривична пријава на 30.03.2024 година за член 215 од Кривичниот законик. Уште истиот ден јавен обвинител донел Наредба за поведување истражна постапка против осомничениот и предлог за притвор, за што обвинителството тогаш веднаш ја извести јавноста. Осомничениот станал достапен на органите на прогонот од 02.04.2024 година и веднаш започнал да ја издржува мерката притвор. Истрагата е завршена за помалку од 2 месеца и на 21.05.2024 година јавниот обвинител поднесе обвинителен акт при што побарал и продолжување на мерката притвор. И тој предлог е прифатен и на лицето му е продолжен притворот се до 31.07.2024 година кога Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда – решение со кое го огласи за виновен и му изрече воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом во согласност со Законот за правда на децата при што ја укина притворската мерка“, прецизира Обвинителството.
Тука по закон, прекинува можноста за жалба против притворот, на обвинителството му останало да се жали само за казната воспитно-поправна мерка на полнолетно лице во ВП Дом Тетово.
„На 30.09.2024 година јавниот обвинител незадоволен од пресудата вложи жалба и предметот се уште е во жалбена постапка. Жалбата е во однос на воспитната мерка, бидејќи во однос на притворот жалба не е дозволена со оглед на тоа дека не е изречена казна туку воспитна мерка“, кажа ОЈО Скопје.
Јованов, кој вчера доби притвор од судија на претходна постапка, во моментот кога ја усмртил Фросина возел пијан, без дозвола, а поминал на црвено светло. Девојката поминувала на пешачки премин, на зелено светло. Од силниот удар била фрлена повеќе метри и починала на местото.
Обвинителството донесе Наредба за спроведување истражна постапка за возачот осомничен за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Тој возел „пежо 207“ сопственост татко му по десната сообраќајна лента од Партизанска.
„Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со улицата 29 Ноември, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента“, кажа Обвинителството за несреќата.
За денеска во 13 часот е закажан граѓански протест на местотот на кое загина Фросина, спроти Универзалната сала на Партизанска во Скопје.
С. К. ДЕЛЕВСКА