Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, објави на Икс дека американските напади во текот на ноќта ја уништиле секоја можност за дипломатија со Американците или Европејците.
„Минатата недела бевме во преговори со САД кога Израел одлучи да ја урне таа дипломатија. Оваа недела одржавме разговори со Е3/EУ кога САД одлучија да ја урнат таа дипломатија. Каков заклучок би се извлекол?“, напиша Арагчи на Икс.
Тој додаде дека коментарите на Велика Британија и Европската Унија за Иран да „се врати“ на преговарачката маса сега се неизводливи.
На прашањето каква штета е нанесена врз нуклеарните постројки, на прес-конференција денеска во Истанбул, Арагчи рече: „Сè уште немам точни информации за нивото на штета“.
„САД покажаа дека немаат почитување кон Повелбата на Обединетите нации. Тие немаат почитување кон меѓународното право“, додаде тој. „Тие преминаа многу голема црвена линија со напаѓање на нуклеарните постројки“.
Арагчи рече дека Иран остро ги осудува нападите на САД како „кршење на меѓународното право“.
„Американската администрација има единствена и целосна одговорност за последиците од своите постапки, вклучително и правото на самоодбрана на Исламската Република Иран“, рече тој. „Секако, вратата за дипломатија секогаш треба да биде отворена. Но, тоа не е случај во моментов. Мојата земја беше нападната, под агресија и ние мора да одговориме врз основа на нашето легитимно право на самоодбрана“.
Американските сили ноќеска ги нападнаа трите главни нуклеарни постројки на Иран, Натанц, Исфахан и Фордо каде се збогатува ураниум. Не е јасно дали САД ќе продолжат да го напаѓаат Иран заедно со својот сојузник Израел, кој девет дена војува со Иран. Трамп дејствуваше без одобрение од Конгресот и предупреди дека ќе има дополнителни напади ако Техеран возврати на американските сили.
Денешните сателитски снимки, анализирани од агенцијата „Асошиејтед прес“, покажуваат оштетување на влезовите во подземната нуклеарна постројка на Иран во Фордо, откако американските воздушни напади го нападнаа објектот. Снимките од „Планет лабс ПБС“ исто така покажуваат оштетување на самата планина под која се наоѓа Фордо. Запечатувањето на тие влезни тунели значи дека Иран ќе мора да го ископа објектот за да стигне до што било внатре. Според снимките, некогаш кафеавата планина има делови кои се посивени, а нејзините контури изгледаат малку поинакви отколку на претходните сники, што сугерира дека експлозија исфрлила остатоци околу локацијата, а се издига и светолосив чад. Тоа укажува на употреба на специјализирани американски бомби за уништување бункери врз објектот.
Иран сè уште не даде проценка на штетата на локацијата.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) утре ќе одржи итен состанок „во светлината на итната ситуација во Иран“, според шефот на нуклеарното надзорно тело на ОН.
Британскиот министер Џонатан Рејнолдс, изјави за „Скај њуз“ дека Велика Британија била известена како клучен сојузник дека САД ќе нападне во Иран, иако не го знаеле точниот тајминг. Тој рече дека САД не побарале поддршка и дека Велика Британија не била вклучена во нападите.
„Иако британската влада, Велика Британија, не беше вклучена во овие напади, ние правевме обемни подготовки за сите можни ситуации“, рече Рејнолдс.
Тој рече дека владата работи на тоа како да сги згрижи британските државјани, како и за своите воени бази, персонал и инфраструктура во регионот. Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека „иранската нуклеарна програма е сериозна закана за меѓународната безбедност“, и го повика Иран да се врати на преговарачката маса.
Израел и Иран девет дена водат воздушни борби што резултираа со смртни случаи и повреди во двете земји. Најмалку 430 лица се убиени, а 3.500 се повредени во Иран откако Израел ги започна своите напади, објави иранската државна телевизија „Нур њуз“, повикувајќи се на Министерството за здравство. Во Израел, 24 цивили се убиени, а 1.272 лица се повредени, според локалните власти.
Американскиот напад би можел да го испровоцира Иран да возврати со затворање на Ормутскиот Теснец, најважната нафтена артерија во светот, напаѓајќи ги американските воени бази и сојузници на Блискиот Исток, засилувајќи го ракетниот напад врз Израел и активирајќи прокси групи против американските и израелските интереси низ целиот свет, велат аналитичарите. Ваквите потези би можеле да ескалираат во поширок, попродолжен конфликт.
„Иранците се сериозно ослабени и деградирани во своите воени капацитети“, рече Арон Дејвид Милер, поранешен преговарач за Блискиот Исток за демократските и републиканските администрации на САД. „Но, тие имаат секакви асиметрични начини на кои можат да одговорат… Ова нема да заврши брзо.“