По еден родител на деца до 10-годишна возраст, кои се вработени во државни институции и во приватните фирми се ослободува од работа во наредните 14 дена, а отсуството ќе му биде платено, кажа министерот за здравство Венко Филипче. Ова е одлука на Владата, која следи по предлогот на Комисијата за заразни болести да се затворат градиниките, училиштата и факултетите во наредните 14 дена.
Комисијата за заразни болести ги заострува мерките и ги упатува сите основни, средни и високообразовни институции како и детските градинки да запрат со одвивање на наставно-воспитниот процес во текот на наредните 14 дена. Се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено, сите културни настани на ниво на држава, а спортските настани да се одвиваат без публика. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средно ризичните држави“, наведено е во заклучоците на комисијата.
Комисијата предлага да се забранат сите масовни собири на отворено и затворено, сите културни настани на ниво на државата и спортски натпревари, а повозрасните лица да избегнуваат јавен превоз. Комисијата препорачува сите вработени во јавното здравство да бидат ослободени од понатамошни активности поврзани со изборниот процес.
Б. НЕСТОРОСКА