БРИТАНИЈА ИМА НАЈСТРОГИ СТАНДАРДИ ПРОТИВ КОРУПЦИЈА И КОМПАНИИТЕ КОИ ЌЕ РАБОТАТ ВО ЗЕМЈАВА ЌЕ ДОНЕСАТ НОВА ПРАКСА, ВЕЛИ АМБАСАДОРОТ НА ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО МЕТЈУ ЛОСОН

    БРИТАНИЈА ИМА НАЈСТРОГИ СТАНДАРДИ ПРОТИВ КОРУПЦИЈА И КОМПАНИИТЕ КОИ ЌЕ РАБОТАТ ВО ЗЕМЈАВА ЌЕ ДОНЕСАТ НОВА ПРАКСА, ВЕЛИ АМБАСАДОРОТ НА ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО МЕТЈУ ЛОСОНСтратешкото партнерство помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија не е ниту алтернатива ниту замена за ЕУ, вели Лосон. (Фото: М. Илиоски)

    Во ексклузивно интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК британскиот амбасадор Метју Лосон зборува за новото Стратешко партнерство меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, вклучувајќи ја зголемената безбедносна и економска соработка, борбата против дезинформации, како и зајакнувањето на владеењето на правото.

    „Ова партнерство не е алтернатива, туку поддршка на вашиот европски пат“, вели Лосон.

    Амбасадорот открива детали за големите инфраструктурни проекти што ќе се реализираат преку механизмот „Влада со Влада“, но и за строгите антикорупциски мерки што се вградени во самите договори.

    Зборувавме и за чувствителната тема на визниот режим. Лосон признава дека постои силен интерес за визна либерализација од македонските граѓани, но објаснува дека миграцијата е врвен приоритет за британските гласачи и оти моментално не постојат услови за олеснување.

     

    СДК.МК: Владата на Обединетото Кралство го утврди спротиставувањето на малигното влијание, особено од Русија, како еден од клучните приоритети во Западен Балкан. Покрај општите изјави, какви конкретни активности или поддршка пружа Обединетото Кралство во рамки на Северна Македонија за зајакнување на отпорноста против дезинформациски кампањи и други дестабилизирачки тактики и како ја оценувате нивната ефикасност?

    АМБАСАДОР ЛОСОН: Насочени сме кон Северна Македонија и како сојузник во НАТО и како кандидат за членство во ЕУ, во време кога Русија и други малигни чинители сакаат да ја ослабнат одлучноста на Западот и единството во заедничката цел.

    Честопати најлесно е да се објасни или одговори на прашање преку конкретен пример. Се соочуваме со голем број дезинформации за нелегалната војна на Русија против Украина. Постојат портали финансирани од Русија кои што наметнуваат разни верзии од приказната дека на некој начин Украина е виновна што Русија нелегално ја нападнала. Но, како што знаете, фактите се сосема различни. Нелегалната инвазија на Русија и војната против Украина е чин на агресија против суверена земја која има право да се брани според Повелбата на Обединетите нации. Тоа е вистината за тоа што се случува, но многу од приказните што ги гледате на социјалните медиуми се за тоа како Украина сама си е виновна или дека се терористи. Или дека на некој начин тие се агресорите.

    Соработуваме со независни медиуми за да се дојде до новинарство засновано на факти што ќе се фати во костец со таквите дезинформации, со тоа што ќе ги изнесе вистината и доказите во јавната сфера, за граѓаните да можат сами да проценат. Не станува збор за затворање портали или веб-страници – тоа би било цензура. Но соработуваме со невладини организации за да го следиме изворот на пропагандата и дезинформациите што се шират на вестите и социјалните медиуми, и истовремено внимаваме на сајбер отпорноста, како на независните организации, така и на владата.

    Исто така, работиме со владини тела задолжени за подобрување на нивоата на сајбер безбедноста, за да се спречат сајбер напади или да се минимизираат заканите. Конкретен пример за соработката со вашата влада е техничката поддршка што ја пружаме за изготвување на ново законодавство кое моментално се разгледува во парламентот. Тоа е ваш закон, но е изготвен со помош на британски експерти по право и сајбер безбедност. Друг конкретен пример е нашиот удел во поддршката на владата да развие национални минимални стандарди за сајбер безбедност за владата и бизнисот.

    СДК.МК: Северна Македонија во моментот го исполнува прагот на НАТО од 2% од трошоците за одбрана, со значителен дел наменет за модернизација. Кое е гледиштето на Обединетото Кралство за ефективноста на ова трошење во однос на развојот на опипливите капацитети и кои се следните чекори  во продлабочувањето на билатералната одбранбена соработка, особено во врска со понатамошниот развој и употреба на полигонот за обука Криволак?

    АМБАСАДОР ЛОСОН: Заедно со нашите сојузници од НАТО ја обучуваме баталјонската група што вашата влада ја назначи за активните операции на НАТО. Ја обучуваме според стандардите на НАТО за да го поминат системот за валидација на Алијансата и да стане дел од силите на источниот фронт на НАТО. За да ви дадам конкретен пример, на најскорешната вежба што ја следев, британски тимови ја обучуваа баталјонската група во напредно извидување. Британските тимови исто така одржаа обука за напредни техники на урбано војување, како и за многу други аспекти од модерната обука за пешадија.

    Очигледно, работиме во тесна координација со другите сојузници од НАТО, а особено со САД, за да обезбедиме обука и опрема за поддршка на развојот на вашите вооружени сили на највисоко ниво.

    Криволак е извонреден полигон за обука. Британските воени команданти со кои сум разговарал го оценуваат како еден од најдобрите објекти за обука во НАТО. Досега имаме поддржано неколку инфраструктурни проекти, од напредни системи за таргетирање, сè до реплика на село во кое ќе се одржуваат вежби за урбано војување и борба против тероризам. Ќе продолжиме да ја обезбедуваме сета поддршка што можеме.

    Работиме во тесна координација со другите сојузници од НАТО, а особено со САД, за да обезбедиме обука и опрема за поддршка на развојот на вашите вооружени сили на највисоко ниво. (Фото: М. Илиоски)

    СДК.МК: И покрај тоа што сме блиски сојузници во НАТО и што Северна Македонија има безвизен пристап до Шенген зоната, македонските граѓани сè уште се соочуваат со скап и сложен процес за добивање виза за Обединетото Кралство. Општо е познато дека над 100.000 македонски граѓани извадиле бугарски пасоши од 2002 година наваму, процес што е доста поевтин од уплатата за виза во Обединетото Кралство и што им овозможува полесен пристап до Обединетото Кралство како граѓани на ЕУ. Со оглед на оваа реалност, можете ли да ја објасните конкретната причина за задржувањето на визниот режим за носители на македонски пасоши или дали постојат околности или одредници според кои Обединетото Кралство би размислило за визна либерализација?

    АМБАСАДОР ЛОСОН: Многу од луѓето со кои што се сретнувам во текот на работата го покренуваат прашањето за визите. Ќе бидам отворен и искрен со вас дека прашањето за миграцијата, без разлика дали е легална или нелегална, е приоритет број еден за гласачите во Обединетото Кралство. Се соочуваме со рекордно ниво на нелегална имиграција кон Обединетото Кралство. Притисоците поврзани со миграцијата се такви што било каква либерализација на нашиот визен режим во моментов, за секого, вклучително и за нашите блиски сојузници, е тешка. Истовремено, иако сум свесен за перцепцијата (и дел од реалноста) дека процесот за добивање виза е сложен и скап, реалноста е дека само мал процент од апликантите од Северна Македонија се одбиени.

    Но, да одговорам на вториот дел од вашето прашање, се надеваме дека нашето Стратешко партнерство дополнително ќе ги зајакне веќе силните билатерални трговски и инвестициски односи. И, секако, може да се каже дека тоа дополнително ќе биде зајакнато поради слободното движење на одредени категории граѓани; на бизнисмени, или на пример, туристи. Британската влада ќе ги разгледа тие аргументи и ќе ги одмери во однос на притисоците од нелегалната миграција со кои се соочува Обединетото Кралство. Ова е само почеток.

    СДК.МК: По Брегзит, како Обединетото Кралство практично ги поддржува аспирациите на Северна Македонија за пристапување во ЕУ, имајќи предвид дека вие веќе не сте членка на ЕУ? Покрај билатералните програми за помош, кои конкретни дипломатски или технички механизми ги користи Обединетото Кралство да му помогне на Скопје да напредува во процесот на пристапување и да ги исполни барањата на ЕУ?

    АМБАСАДОР ЛОСОН: Годинава, Обединетото Кралство постигна договор со германската влада да биде кодомаќин на Берлинскиот процес, иницијатива што првично беше започната од Германија за да ги поддржи аспирациите на Западен Балкан за пристапување во ЕУ. Нашата одлука да ја преземеме оваа улога ја одразува нашата силна посветеност на регионот и на европската стабилност во поширока смисла.

    Берлинскиот процес е платформа што ги обединува сите земји членки на ЕУ, партнерите кои не се членки на ЕУ, како што е Обединетото Кралство, и самите земји од Западен Балкан. Неговата цел е да обезбеди практична поддршка за европската перспективата на регионот, на начин што го надополнува, но функционира надвор од формалниот пристапен процес.

    Преку овој процес, опфатени се разни иницијативи. Минатиот месец, специјалната претставничка на Обединетото Кралство, дамата Карен  Пирс, претседаваше со состанокот на министрите за култура во Котор, каде беа постигнати одлични резултати во области како што се дигиталното образование и креативните индустрии. Други тековни работни активности под Берлинскиот процес вклучуваат подобрување на регионалната поврзаност, поттикнување на економскиот развој и зајакнување на соработката преку посебни канали за внатрешни и надворешни работи.

    Во следниот период, Обединетото Кралство ќе биде домаќин на Самитот на Берлинскиот процес кон крајот на октомври. Самитот ќе ги обедини шефовите на држави и влади од шесте земји од Западен Балкан, заедно со земјите учеснички во Берлинскиот процес. Очекуваме овој самит да даде конкретни резултати и со нетрпение очекувам да ги споделам со вас подоцна годинава.

    Притисоците поврзани со миграцијата се такви што било каква либерализација на нашиот визен режим во моментов, за секого, вклучително и за нашите блиски сојузници како што е Северна Македонија е тешка. (Фото: М. Илиоски)

    СДК.МК: Новото партнерство „Влада со Влада“ (G2G) и значителниот механизам на Британската агенција за извозно финансирање (UKEF) претставуваат важен исчекор во економската соработка. Освен веќе идентификуваните големи инфраструктурни проекти од критично значење,  како што се Коридорот 10 и новите болници, какви конкретни стратегии ќе преземе Амбасадата во рамки на ова „ново поглавје“ за активно поттикнување на нов бран на разновидни британски инвестиции во Северна Македонија, особено во сектори со висока додадена вредност, како технологијата, зелената енергија и напредното производство, со надминување на досегашните големи инвестиции како Џонсон Мети? 

    АМБАСАДОР ЛОСОН: Нашето ново партнерство „Влада со Влада“, поддржано од механизмот на Британската агенција за извозно финансирање, претставува значителен чекор напред во веќе цврстите економски односи. Всушност, повеќе од половина од трговската размена на Обединетото Кралство во Западен Балкан се одвива со Северна Македонија, а според вашите статистики, Обединетото Кралство е вашиот втор најголем трговски партнер. Партнерството има за цел да насочи поголеми британски инвестиции во стратешки сектори, како што се коридорот 10 и инфраструктурата во здравството. Но ова е само почетокот. За нас, ова претставува отворање на поширок инвестициски циклус.

    Секако, се надеваме дека вашата влада ќе избере британски компании да бидат дел од таа приказна. Согласно формалните услови на партнерството „Влада со Влада“, најмалку 20% од јавните набавки преку Британската агенција за извозно финансирање мора да потекнуваат од британски компании. Тоа е во согласност со стандардите на Организацијата за економска соработка и развој и помага да се обезбедат квалитет, отчетност и да се вклучат британски експерти. Веруваме дека тоа ќе поттикне позитивен пример на инвестиции од приватниот сектор на Обединетото Кралство: колку повеќе британски компании ќе забележат успех тука, ќе следат и други. Веќе гледаме охрабрувачки знаци дека овој циклус почнува да зема замав особено во ИТ секторот, а ќе соработуваме и со Британската бизнис асоцијација, која што функционира како засебно тело, за да дадеме поддршка на секоја британска компанија што сака да инвестира тука.

    СДК.МК: Поширокото Стратешко Партнерство експлицитно предвидува соработка во областа на владеење на правото и добро владеење. Со оглед на значајниот финаниски обем што се очекува преку договорот за инфраструкура „Влада со Влада“ (5 милијарди фунти преку Британската агенција за извозно финансирање), кои конкретни механизми и гаранции се вградени уште од самиот почеток со цел да се обезбедат максимална транспарентност, силни антикорупциски мерки и целосна отчетност во процесот на јавни набавки, управување и надзор на овие проекти, особено имајќи ги предвид претходните предизвици во регионот и барањата на опоцизијата за појасен процес?

    АМБАСАДОР ЛОСОН: Владата на Обединетото Кралство веќе долг период го поддржува делувањето во однос на антикорупцијата и транспарентноста во Северна Македонија преку нашите развојни програми и тоа во соработка со неколку различни влади. Оваа влада јасно изрази желба за партнерство со Обединетото Кралство преку „Влада со Влада“ со цел да се донесат истите стандарди преку вклучување на британско финансирање и британски компании во реализација на овие важни инфраструктурни проекти. Станува збор за партнерски пристап – Северна Македонија е суверена држава со сопствени закон,  парламент и демократски институции. Она што договорот „Влада со Влада“ го овозможува е техничка помош – онаму каде што вашата влада ја побарала – и олеснување на  реализацијата на инфрастуктурни проекти според британски стандарди, обезбедни преку гаранција од страна на Британската агенција за извозно финансирање.

    Транспарентноста и доброто владеење се вградени во самиот договор ако вашата влада одлучи да избере британски компании. Тоа се должи на строгото антикорупциско законодавство во Обединетото Кралство. Нашите стандарди се меѓу најстрогите во светот и британските компании што би се впуштиле во коруптивни дејства и би ги прекршиле законите може да бидат кривично гонети во Обединетото Кралство. Компаниите што ќе бидат избрани во рамки на „Влада со Влада“ ќе ги донесат овие високи стандарди и ќе работат со највисоко ниво на интегритет. Затоа сум уверен дека вклучувањето на британски компании преку „Влада со Влада“ ќе придонесе за подигнување на стандардите, на пример преку поставување највисоки барања за подизведувачите.

    Соработката вклучува зголемена размена на разузнавачки информации, поблиска соработка на безбедностите служби и спроведување заеднички операции против криминалните банди кои профитираат од трговијата со луѓе и други незаконски добра преку границите. – (Фото: М. Илиоски)

    СДК.МК: Обединетото Кралство веќе долго време ја поддржува реформата за владеењето на правото во Северна Македонија. Во рамки на ова ново и унапредено Стратешко партнерство, како ќе го прилагодат Амбасадата и нејзините партнери нивниот пристап со цел да се измери реалното влијание и ефективноста на овие инцијативи, прашање за кое би било корисно да се дадат повеќе детали? Кои се клучните индикатори за успешно зајакнати институции, подобрена ефикасност во судството, и, што е особено важно, зголемена доверба на граѓаните во правосудниот систем и јавната администрација?

    АМБАСАДОР ЛОСОН: Владата на Обединетото Кралство и понатаму силно ја поддржува кандидатурата на Северна Македонија за членство во Европската Унија. Како што знаете, пристапниот процес става силен акцент на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и многу други аспекти на демократското управување. И за овие области постојат јасно утврдени одредници.

    Како донатор и пријател на Северна Македонија, ги разгледуваме областите за реформи во кои можеме да имаме влијание, паралелно со многу поголемите програми на ЕУ преку ИПА инструментот, како и програмите на другите партнери во донаторската заедница. Имаме долгогодишна врска со Северна Македонија и ја поддржуваме во процесот на реформите во јавниот сектор и развојот на законодавството, а може да се истакне и иницијативата за Националната стратегија за развој. Особено успешен пример е нашата соработка со Јавното обвинителство. Со поддршка од Обединетото Кралство, се воведоа индикатори за следење на ефикасноста, за текот на предметите, за индентификација на препреките и евидентирање на доцнења низ целиот обвинителски систем. Резултатот на тој процес се корисни податоци за институционални подобрувања, и знаеме дека постојат планови оваа иницијатива да се прошири уште повеќе. Во иднина, имаме намера да соработуваме со клучни фактори – меѓу кои и ЕУ, САД, Владата на Швајцарија, ОБСЕ и меѓународните финансиски институции – за да го усогласиме нашето делување и да обезбедиме системско влијание. Многу од овие подобрувања во владеењето на правото  директно ги поддржуваат и вашите цели за пристап во ЕУ, особено во рамки на релевантните преговарачки кластери.

    СДК.МК: Соработката во областа на миграцијата, вклучително и учеството на Северна Македонија во Заедничката работна група за миграција, е дел од партнерството. Можете ли да споделите повеќе детали за конкретните цели на оваа соработка, како таа ги надополнува напорите на другите европски партнери, и како се вклопува во пошироката рамка на заединички безбедносни интереси и обврските во однос на владеење на правото предвидени со Стратешкото партнерство, особено имајќи ги предвид почетните шпекулации за кои веќе се произнесе вашиот кабинет?

    АМБАСАДОР ЛОСОН: Работната група е фокусирана на разбивање на криминалните банди кои профитираат од трговијата со луѓе и други незаконски добра преку границите. Овие банди претставуваат закана не само за Обединетото Кралство, туку и за Северна Македонија – и од безбедносен и од економски аспект. Во практична смисла, оваа соработка вклучува зголемена размена на разузнавачки информации, поблиска соработка на безбедностите служби и спроведување заеднички операции. Иако ова нема да биде видливо за граѓаните во нивното секојдневие, претставува значително унапредување на оперативното ниво на нашите министерства за внатрешни работи и полициски служби. Со оглед на тоа што Обединетото Кралство повеќе не е дел од европската агенција за гранично обезбедување Фронтекс, оваа иницијатива претставува замена за дел од техничката и разузнавачката соработка што претходно ја овозможуваше Фронтекс. Граѓаните нема да видат некои видливи промени – на пример, нема да има британски полицајци или граничари. Станува збор за подобрување на соработката и партнерството зад сцената, за подобра координација во борбата против организираниот криминал тука на Балканот и во Обединетото Кралство, со цел да се спречи трговијата со различни видови нелегална стока, вклучително, за жал, и со луѓе.

    СДК.МК: Имајќи ги предвид долгогодишните аспирации на Северна Македонија за членство во ЕУ и сложеноста на пристапниот процес, дали ова „историско“ Стратешко партнерство со Обединетото Кралство се гледа како комплементарно на тој процес, или можеби како алтернативен пат за обезбедување на развојот и европското усогласување на земјата, особено зашто во него се наведува дека го потврдува „европскиот пат“ на Северна Македонија?

    АМБАСАДОР ЛОСОН: Дозволете ми да бидам сосема јасен: Стратешкото партнерство помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија е целосно комплементарно со вашиот пристапен процес за членство во ЕУ – не е ниту алтернатива ниту замена. Додека напредувате низ процесот на преговори по кластери, ќе ги исполнувате критериумите што ги одразуваат заедничките демократски стандарди – многу од кои се вградени и во нашето партнерство: владеење на правото, добро владеење, економски развој, усогласување на надворешната политика и соработка во полето на безбедноста. Голем дел од она што го правиме – било да се однесува на одбраната, инфраструкурата, трговијата или културата – ја зацврстува вашата европска траекторија. Не се работи за избор помеѓу различни патишта. Обединетото Кралство со гордост стои покрај вас како партнер и поддржувач на вашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија.

    Г. МИХАЈЛОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира