Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца (ДСПДП) ги спојува за соработка Советите на Општините и судии, обвинители од тие општини, полицајци, директори на локални училишта, социјални работници, за да разберат дека тоа што не формираат тела за откривање на булинг, изживување на деца врз деца, како и тоа што не сакаат да ги видат од своето соседство децата во ризик, се најголемите виновници што врсничкото насилство меѓу децата ескалира во Македонија.
Освен Општина Охрид и Тетово, никој ја нема сфатено ситуацијата сериозно, особено не Советот на Град Скопје и градоначалникот, како и Советите на скопските Општини и нивните градоначалници, иако во главниот град има најголем број случаи на насилство од деца и има најголем број жртви-деца.
ДСПДП денеска го презентираше Годишниот извештај за 2025 година, заедно со препораки за унапредување на системот за превенција и заштита на правата и интересите на децата.
„Како еден од најзначајните предизвици и понатаму се издвојува неисполнувањето на законската обврска за формирање општински совети за превенција на детско престапништво во голем број Општини. Во дел од Општините овие тела воопшто не се формирани, во други постојат, но не се активни, додека само мал дел функционираат и ги реализираат предвидените активности“, рече претседателката на Државниот совет, професорката по Кривично право д-р Гордана Лажетиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа додаде дека за нивното функционирање неопходни се финансиски средства, годишни програми за работа и активна вклученост на локалните институции.
Меѓу препораките е и законската измена за да одговараат градоначалниците и Советите на Општините, ако не формираат функционални општинските совети за превенција на детско престапништво. Односно, таа одговорност да се премести од Законот за права на детето, во Законот за локалната самоуправа, кај што ѝ е местото.
Државниот совет констатира дека и во текот на 2025, од одредени судови не биле доставувани податоци или биле доставувани несоодветни и нерелевантни податоци согласно индикаторите за следење на примената на Законот за правда за децата. Ова укажува на потребата од унапредување на институционалната соработка и обезбедување навремени и квалитетни податоци за следење на состојбите.
Препорачува градоначалниците и Советите на Општините и Градот Скопје да ја исполнат законската обврска за формирање општински совети, да изработуваат годишни програми за работа и да обезбедат соодветна поддршка за реализација на планираните активности.
Според извештајот, вкупно 1.201 дете во судир со законот било евидентирано во 2025, односно било повикано во полициска станица, што е намалување за 45 деца или четири проценти во споредба со 2024 година, кога биле евидентирани 1.246 деца.
За децата во ризик, Советот наведува дека евидентираното намалување од 50 проценти во 2025 година е резултат на промената на опфатот на индикаторот. Наместо децата на возраст од шест до 18 години, во оваа категорија се евидентирани децата до 14 години, а воведен е и посебен индикатор за децата во ризик на возраст од 14 до 18 години. Бројот на девојчиња во ризик е намален за 55 проценти во споредба со 2024 и за 47 проценти во однос на 2023 година, исто така поради изменетата методологија.
Најголем број деца жртви биле евидентирани од Министерството за внатрешни работи (МВР) – 694, потоа во јавните обвинителства – 629, во судовите – 404 и во центрите за социјална работа – 334. Најголемото зголемување на бројот на евидентирани деца жртви, од 118 проценти во однос на 2024, е забележано во судовите.
„Превенцијата на детското престапништво бара континуирана институционална соработка, функционални локални механизми и соодветни финансиски ресурси. Заштитата на правата и најдобриот интерес на децата треба да претставува заеднички приоритет на сите надлежни институции и локални самоуправи“, рече проф. д-р Лажетиќ.
С. К. ДЕЛЕВСКА



