Владата им наложи на сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со коронавирусот на Министерството за здравство, и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи. Владата им препорачува на граѓаните да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.
По 11-та седница на Владата, донесена е одлука Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот.
Министерството за здравство исто така треба итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети. Меѓу заклучоците од 11-тата седница на Владата е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.
Во заклучоците стои училиштата и универзитетите да организираат едукативни часови за превенција од коронавирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје.
Со одлука на Владата, ограничено е влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.
Според последните информации од Министерството, на Инфективната клиника во Скопје се испитува еден пацинет за коронавирус кој доаѓа од Дубаи, а негативен е тестот за коронавирус на италијанскиот државјанин кој синоќа се пожалил на стомачни тегоби.
Б. НЕСТОРОСКА