Првообвинетиот Дејан Јованов преку својата адвокатка има предложено 16 сведоци во негова одбрана, а меѓу нив се појави и неговата ќерка на денешното судење во Идризово. За катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс” на 16 март 2025 година во која загинаа 63 млади луѓе и деца, покрај сопственикот на дискотеката, обвинети се уште 33 лица, а меѓу обвинетите е и неговиот син, Михајло Јованов.
На почетокот обвинителите Дарко Јакимовски и Наташа Сарамандова се спротивставија на согласноста од судечкиот совет на крај на вештачењата, да се презентира вештачење на Мирослав Грчев, ангажиран од еден од обвинетите.
„Сметаме дека е несоодветно да се сослушуваат вештаците. Не се согласуваме со предлогот на адвокатот на Грчев да му се даде ексклузивитет кога и како ќе го достави тоа вештачење. Има тенденција за одолговлекување на постапката и спротивно на законот, му се дава ексклузивитет на тоа вешто лице. Не може да му се даде ексклузивитет да даде вештачење, а ние да не го испитаме, мора да дојде овде, а не да дојде ако смета одбраната. Имаме прашање: дали овие вештаци заедно што настапија имаат и порано во други настани заеднички настап?”, праша Јакимовски.
Дел од ангажираните вештаци од страна на обвинетите, се обвинети во предметот за бесправно градење во Струга, заедно со Рамиз Мерко. Според обвинението, седум обвинети во предметот се вештаци од областа на градежништвото, архитектурата и урбанизмот кои давале лажни наоди и мислења во таа кривична постапка за бесправно градење.
Усогласување на вештаци не постои, кажа Јакимовски.
„Реагиравме дека вештачења се предложија откако беа сослушани вештаците од Градежниот факултет, место претходно. Процесната рамнотежа мора да постои кај сите учесници во постапката. Ова е тенденција за одолговлекување и оваа состојба веќе не може да се толерира”, кажа обвинителот.
Вториот аспект, за сведоците, продолжи тој: „бевме наполно коректни и внимававме да не ги попречиме адвокатите со тоа што на самото судење ќе се запознаат со нив. Однапред им ги дававме изјавите на нашите сведоци дадени во истрага. Но дел од адвокатите тоа го прават. Нивните сведоци првпат ги гледаме сега во судница”.
„Поради обемноста на доказите, обвинетите и сведоците, точно е дека така испадна. Но, кога на минатото рочиште адвокатот побара дополнително сослушување на вештото лице, никој од присутните обвинители не се спротивстави. Точно е и дека сега тие што ги предлагаат обвинетите, немаат дадено искази досега”, рече судијката Дијана Груевска.
На ова обвинителката Наташа Сарамандова кажа дека тоа е секако незаконски и не ни треба да се реагира, но дека реагирала.
Потоа судијката рече дека отстапка е направена зашто ова вештачење на Грчев не е ни градежно, туку е урбанистичко, на што обвинителката уште повеќе реагираше, бидејќи рече дека дел од вештачењето на тимот од Градежниот факултет е токму урбанистичкиот аспект.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска не ја смени одлуката да му даде ексклузивно право на вештачењето на Мирослав Грчев, ангажиран од обвинет, да се даде на судот на крајот откако ислушал и прочитал сè што рекле досегашните вештаци. А дали ќе се појави за распит, ќе одлучат тие што го предложија.
На денешното рочиште, професорот Горан Марковски, кој беше на чело на тимот од УКИМ, ангажиран од Обвинителството, одговори на досегашните вештачења на Петре Русевски, Инает Дани и Василка Каевска, ангажирани од обвинетите.
„Во овие вештачења не може да се сретнат нови, поинакви факти од оние кои беа констатирани од Градежниот факултет. Видна беше само разликата во начинот на изработка. Ние изјаснуваме јасни ставови за урбанистички, градежни, противпожарни и други аспекти поврзани со настанот на 16 март 2025 година. Стручна самодискфалификација е вештачењето на Русевски. Тука нема стручни спротивставености, туку сериозни недостатоци. Не ни беше лесно да ги анализираме овие вештачења, бидејќи во делови наидувавме на такви разлики во методологијата, што мислевме дали вештачиме ист објект. Во вештачењето на Николчо Боцев има правно вештачење, што не е наш аспект. Во вештачењето на Петре Русевски за одбрана на првообвинетиот Дејан Јованов, симптоматично е што се бара вештачење за градежништво, архитектура и противпожарна заштита, а наодот е потпишан единствено од Русевски, кој е дипломиран градежен инженер. А тој на судењето овде се прогласуваше за нестручен за прашањата од архитектура и противпожарна заштита”, рече Марковски.
Цело време додека збореше, на Марковски дел од обвинетите му дофрлуваа од место недолични коментари и го навредуваа.
Професорот забележа што вештакот Русевски во своето вештачење ги премолчува полиуретанскиот сунѓер, декоративниот челичен лим со кој биле пломбирани прозорците на дискотеката и други опасни материјали кои Јованов ги вградил во внатрешноста на дискотеката, а кои во секунда се запалија од искри, развија 800 степени и на место ги изгореа или задушија гостите.
„Како може да напише имало вентилација и толку? Што да каже човек на ова?”, се чудеше Марковски.
Тој наведуваше многу примери за селективност во истражувањата на вештаците ангажирани од обвинетите, нешто кое не смеат да го прават, бидејќи се службени лица кои поседуваат лиценци за вештачење, сведочат под заклетва и не смеат да лажат, без проверка да изнесуваат заклучоци и наоди и да занемаруваат факти.
Реагираше и за „козметичките” внатрешни промени на диското, преправено од магацин, т.е. погон за теписи.
Критикуваше мислење дека на обвинетиот газда на „Пулс“ не му требала процедура и немало основ за одлука и санкција од општина и сите надлежни.
Сменет е личниот опис – од магацин во дискотека, а Русевски пишал: Тоа се козметички измени.
С. К. ДЕЛЕВСКА



