Денеска, ден пред одредениот датум за локалните избори, гласаат затворениците, лицата во домашен притвор, болни и немоќни и лица во старските домови.
Во казнено-поправните домови, според Избирачкиот список, треба да гласаат 2.162 затвореници, најмногу во КПД „Идризово“ 938, во затворот во Шуто Оризари 391, во штипскиот затвор 237, а во прилепскиот 119. Во своите домови ќе гласаат и лицата кои се во куќен притвор, а се пријавиле за гласање.
Членови на избирачките одбори денеска во нивните домови треба да посетат 8.851 болно и немоќно лице кои побарале и им било прифатено да гласаат. До ОИК пристигнале 9.217 пријави за гласање на болни и немоќни лица, а прифатени биле 8.851. Во старските домови ќе гласаат 442 лица наместо 450. Бројката се намалила за осум лица откако Министерството за социјална политика, демографија и млади, како што соопшти ДИК на седница пред неколку дена, извести дека старскиот дом „Арија“ е затворен.
Во земјава утре ќе се одржат осмите локални избори од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Град Скопје. Ќе се гласа на 3.474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и за 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10.490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалник има за Град Скопје – 16.
Право на глас на локалните избори имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 во земјата, додека останатите 112.000 се запишани во посебниот Избирачки список со лица кои се иселени од државата. Гласање во дијаспората за локални избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата, ќе можат да го остварат своето право на глас.
Во Град Скопје вкупната бројка гласачи е 474.304. Од општините, најмногу граѓани со право на глас има во Куманово – 94.041, Гостивар – 82.893, Тетово – 87.878, Битола – 77.253, Аеродром – 68.772, Струга – 62.711 и во Прилеп – 62.053 гласачи. Најмалку, пак, има во Лозово – 1.905, Вевчани – 2.092, Новаци – 2.429, Конче – 2.716 и во Ранковце – 2.921 гласач.