ДЕВЕТТЕМИНА ОБВИНЕТИ ПОЛИЦАЈЦИ НЕГИРААТ ДЕКА МИЖЕЛЕ ПРЕД НАРУШЕН ЈАВЕН РЕД И МИР И НЕДОСТИГ НА ПАРКИНГ ВО „ПУЛС“ ЗА ДА ГАЗДАТА ДОБИЕ ЛИЦЕНЦА БЕЗ ПРОБЛЕМ ВО 2022 И 2023

    ДЕВЕТТЕМИНА ОБВИНЕТИ ПОЛИЦАЈЦИ НЕГИРААТ ДЕКА МИЖЕЛЕ ПРЕД НАРУШЕН ЈАВЕН РЕД И МИР И НЕДОСТИГ НА ПАРКИНГ ВО „ПУЛС“ ЗА ДА ГАЗДАТА ДОБИЕ ЛИЦЕНЦА БЕЗ ПРОБЛЕМ ВО 2022 И 2023Истото го правеле и нивните претходници во СВР Штип и во Полициската станица Кочани, но поради измените на Кривичниот законик во 2023 со скратување на казните за ова кривично дело, нивните дела се веќе застарени.(Фото: СДК.МК)

    Ниту еден од деветтемина обвинети од т. н. втора група полицајци на судењето не призна вина за непреченото работење на импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, која поради нивните позитивни мислења за јавен ред и мир и за број на пропишани паркинг-места, добивала лиценца за работа како се да било во ред.

    Но според доказите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), овие обвинети замижувале и само давале согласности за фирмата „ММММ Кафе“, под која била и дискотеката „Пулс“ сместена во поранешен производствен погон, во кој во пжоарот на 16 март 2025 загинаа 63 главн млади луѓе, а над 230 се повредени.

    Судењето против овие деветмина, всушност, почна денеска со изјаснување за вина и со воведни зборови на ОЈОГОКК. Сите се обвинети за  Злоупотреба на службена положба и овластување.

    „Обвинетите не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за вршење на угостителска дејност на кабаре ‘Пулс’ во Кочани и овозможиле тоа да добие лиценца во 2022 и 2023 година, а со намера да прибават имотна корист за правното лице во вкупен поголем износ од 284.576 денари за 2022 година и имотна корист за неформалниот сопственик на клубот, во вкупен поголем износ од 335.916 денари бруто плата“, кажа обвинителката Спасенка Андонова во воведниот збор.

    Овие проверки е неопходно да се направат за да може полицијата да даде мислење, односно согласност, која потоа е услов за  издавање на лиценца за работа на кој било угостителски објект.

    Истото го правеле и нивните претходници во СВР Штип и во Полициската станица (ПС) Кочани, но поради измените на Кривичниот законик во 2023 со скратување на казните за ова кривично дело, нивните дела се веќе застарени.

    Обвинети за злоупотреба на службената положба и овластуање се полициските службеници Димче Аврамов, Јане Трајчев, Александар Атанасов, Влатко Илиев, Александар Темелков, Влатко Наумов, Гоце Ристов, Боби Гидиоски и Гоце Иванов кои, според обвинителката, дале согласност за безбедност во сообраќајот за дискотеката „Пулс“ иако немало доволно паркинг места, а имало и нарушување на јавниот ред и мир, но тие не провериле или не сакале да проверат.

    Меѓу обвинетите има и пензионирани полицајци, а на денешното рочиште помладите полициски службеници меѓу нив се пожалија пред судијката Ленка Давидкова дека иако обвинителството никогаш не побарало да бидат тргнати од работните места додека трае докажувањето на вина, сепак тие се отстранети од работните места и се оставени буквално без приход.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира