ЏАБЕ СУДСКА ПРЕСУДА, НЕМА КОЈ ДА ИМ КАЖЕ НА ПАРТИИТЕ ДА ИЗРАБОТАТ ИЗБОРЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ И НА ОПШТИНИТЕ ДА СТАВАТ РАМПИ ЗА ИНВАЛИДСКИ КОЛИЧКИ НА ИЗБИРАЧКИТЕ МЕСТА

    ЏАБЕ СУДСКА ПРЕСУДА, НЕМА КОЈ ДА ИМ КАЖЕ НА ПАРТИИТЕ ДА ИЗРАБОТАТ ИЗБОРЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ И НА ОПШТИНИТЕ ДА СТАВАТ РАМПИ ЗА ИНВАЛИДСКИ КОЛИЧКИ НА ИЗБИРАЧКИТЕ МЕСТАСпоред пресудата, и пултовите за гласање треба да се пониски. (Фото: СДК.МК)

    Државната изборна комисија и Владата не ја спроведуваат Пресудата на Граѓанскиот, потврдена од Апелациониот суд Скопје, со кои се задолжени да им овозможат на лицата со попреченост да гласаат на избори.

    Нa многу избирачки места нема рампи за инвалидски колички, нема изборен материјал од партиите прилагоден за слепи, за глуви лица, како и за луѓе со други видови попреченост, за да знаат за кого да гласаат.

    За потсетување, тие не се во групата „болни и немоќни лица“, кај кои членови на избирачки одбори им одат дома во саботите за да гласаат, туку се на избирачкиот список со сите останати граѓани со гласачко право.

    На изборите во 2020 година голем број од лицата со попреченост не отидоа да гласаат, зашто државата се однесува кон нив како да не постојат, поради што Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis) на лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и повреда на начелото на соодветно приспособување.

    Апелациониот суд Скопје со пресуда во 2023 година во целост ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд Скопје. Со оваа пресуда е утврдено дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас.

    „Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат:

    – пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места;

    – пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила;

    – пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.

    Значјно е да се истакне дека единствено поставување на рамки не значи исполнување на обврските, треба сеопфатно соодветно да се приспособат избирачките места“, повика Тона Карева од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

    Се обративме во ДИК со прашање дали е спроведена пресудата и кога Комисијата и Владата ќе ги спроведат наредбите од судот.

    „Со измените на Изборниот законик, ДИК и Владата не се веќе газди на избирачките места, туку општините. Ние и да сакаме, немаме како и немаме законска надлежност да им ги уредуваме гласачките места. Сепак, набавивме над 120 рампи за пристап на лицата со попреченост до гласачките места, онаму каде што нема. Постојано апелираме до општините, ако некаде нема, да дојдат да си подигнат рампи. Како ДИК апелираме да се обезбедат сите услови за непречено доаѓање и остварување на гласачкото право на сите граѓани, а особено на лицата со попреченост“, ни рекоа од Државната изборна комисија.

    Се јавивме во ЗЕЛС да прашаме дали можеби општините ќе ја спороведат пресудата.

    „Првпат слушаме дека имало таква пресуда против Владата и ДИК. Никој не нѐ известил. Среќа што се гласа во училишта и во градинки и среќа што кај повеќето има рампи за пристап на лица со физичка попреченост“, ни рекоа од ЗЕЛС.

    Според ова, и натаму најголемиот дел од избирачките места нема да имаат достапен паркинг простор, ќе останат без универзален знак за пристапност и пристапна рампа, без скали за да се стигне до просторијата за гласање и без лифт.

    Судот провери и утврдил дека лицата со попреченост немаат пристап до информациите за политичките дебати, кампањи и настани.

    За потсетување, Владата и ДИК, на чија страна бил товарот на докажување, согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, тогаш не предложија докази за да се одбранат.

    Судот наведе дека во едно демократско општество неопходно е да се заштити правото на глас на лицата со попреченост, да се овозможи уживање и остварување на ова право и дека потребните приспособувања на избирачките места со обезбедување пристап до и во објектите за гласање согласно потребите на лицата со попреченост, не претставува несразмерно или непотребно оптоварување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира