На улицата Мирче Оровчанец во центарот на Скопје, во близина на Универзална сала, затната е фекалната канализација бидејќи градежник додека градел зграда ја забетонирал цевката за фекалии. Градежникот додека ја правел јамата и копал за поставување на армирано бетонски колови, т.н. шипови, ја погодил цевката за канализација. Потоа додека полнеле со бетон, ја наполниле и цевката и таа е забетонирана. Сега фекалиите од останатите згради и куќи на улицата не можат да течат низ цевката и преку клозетските шолји ќе им се враќаат во домовите.
На терен затекнавме екипи од ЈП „Водовод и канализација“ кои бараа начин како да го решат проблемот. Сега цевката мора да се сече, да се извади и да се постави нова. Дополнителен проблем на екипите на „Водовод“ им претставува тоа што над цевката за фекалии е поставена цевка за парно иако тоа не смее да се случи односно таа треба да е паралелно до канализацијата.
Од Општина Центар велат дека се запознаени со овој случа. Граѓани кај нив пријавиле за проблемот со кој се соочуваат. Објаснуваат дека додека се реши проблемот поставени се пумпи за испумпување на фекалиите за да не се враќаат и течат по домовите на граѓаните.
„Ние во овој случај немаме надлежност туку ЈП ‘Водовод и канализација‘ ќе интервенира односно работи на решавање на проблемот. Штетата односно интервенцијата на‚‘Водовод‘ треба да ја плати инвеститорот, а јавното претпријатие може да поднесе тужба бидејќи оштетена е нивната мрежа“, велат од Инспекторатот на Општина Центар.
Од Инспекторатот имале средба и со жителите на улицата и им било сугерирано да поднесат тужба до инвеститорот.
А. АНТЕВСКА