Државата губи повеќе од 2 милиона евра годишно со тоа што непотребно се враќаат пациентите кои имаат траен инвалидитет преку комисиите во Министерството за социјална политика, демографија и млади, кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Траен инвалидитет е кога лицето е неподвижно, по губење екстремитети или по мозочен удар, а комисиите бараат состојбата на траен инвалидитет да се потврди на секои 6 месеци. За учество во комисииите на членовите им следи хонорар.
На брифингот со медиумите за една година како е на оваа функција, Алиу кажа дека е направена работна група помеѓу Министерството за социјална политика и Министерството за здравство.
„После неколку состаноци, по мое барање да смениме и закон ако треба, нѐ известија дека закон не треба да се смени во оваа фаза бидејќи законот дава можност за трајна инвалидитет, но ќе треба да се работи повеќе со комисиите за да може комисиите реално да видат таму кај што има траен инвалидитет да се даде тој траен инвалидитет. Јас пред две-три недели пратив писмо до сите комисии за да може да ги анализираат тие пациенти што навистина имаат трајна инвалидитет да не треба да се појавуваат, туку да имаат решение за траен инвалидитет. По нашите првични анализи, негде 140 милиони денари (над 2 милиона евра – н. з.) државата троши дополнителни средства заради тоа што непотребно се враќаат пациентите за кои имаат траeн инвалидитет, а се враќаaт во здравствениот систем со цел да можат да даваат секои шест или една година решение за инвалидитет и тоа, освен што оптоварува здравствен систем од од човечка една точка, бидејќи тој е нов пациент во во институцијата, исто така и од финансиска гледна точка ние имаме трошоци“, кажа Алиу.
Министерот кажа дека после средбите и после анализите од работната група ќе излезат со јасна предвидена динамика за тие комисии, бидејќи навистина е товар и економски и здравствено.
„Ценам дека ќе го подобриме тој систем. Јас сум сигурен дека според законот мора да работат и ќе наложам сите сите комисии да мора да работат според јасно дефинираните правила. Ако ми велат дека не се јасно дефинирани, тогаш ќе направиме законски измени“, додаде тој.
Б. НЕСТОРОСКА



