ДРЖАВАТА ПО СЛУЖБЕН ПАТ ДА ОБЕЗБЕДИ ПОТВРДИ ЗА ПЛАТЕН ДАНОК ВО ИРАК И АВГАНИСТАН, БАРААТ КУМАНОВЦИТЕ ПО ОДАНОЧУВАЊЕТО НА ПЛАТИТЕ ЗА 2020

    ДРЖАВАТА ПО СЛУЖБЕН ПАТ ДА ОБЕЗБЕДИ ПОТВРДИ ЗА ПЛАТЕН ДАНОК ВО ИРАК И АВГАНИСТАН, БАРААТ КУМАНОВЦИТЕ ПО ОДАНОЧУВАЊЕТО НА ПЛАТИТЕ ЗА 2020На протестот рекоа дека и за време на празниците добиле даночни решенија за 2020, со кратки рокови за плаќање и со најава за камати ако не се платат до 15 јануари, им било најавено дека се подготвуваат решенија и за периодот од 2021 до 2025 година. (Фото: СДК.МК)

    Десет дена откако не добиле одговор од надлежните институции за одлуката за ретроактивно оданочување на приходите остварени од странство од 2020 година наваму, граѓаните кои некогаш работеле во американските бази во Ирак и Авганистан  повторно излегоа на протест пред канцеларијата на Управата за јавни приходи (УЈП) во Куманово. Тие велат дека и за време на празниците добиле даночни решенија за 2020 година, со кратки рокови за плаќање и со најава за камати ако не се платат до 15 јануари. Истовремено, им било најавено дека се подготвуваат решенија и за периодот од 2021 до 2025 година.

    „Ова покажува дека проблемот не се решава, туку продолжува. Иако се доставени докази за долгорочен престој надвор од државата, тие не се земаат предвид, туку се бара формална одјава, иако тоа не е законски критериум. Институциите признаваат дека немаат целосни податоци за влез и излез од државата, особено за 2020 година. Како тогаш граѓаните да докажат нешто што самите институции не го евидентирале? Дополнително, од луѓето кои работеле во воените зони во Ирак, Авганистан и Африка се бараат документи од компании кои повеќе не постојат или не функционираат, а документите што ги добиваме за платен данок од нашите фирми не се прифаќаат“, изјави Зоран Наковски.

    Тој вели дека добил документи од неговата фирма дека во 2020 година платила данок во висина од 10.500 долари, но УЈП не му го признава тоа и бара да обезбеди документ од ирачкото даночно одделение, што не може да го направи бидејќи фирмата веќе нема свој претставник таму. Поради тоа, предложи државата по дипломатски пат да ги обезбеди потврдите за платен данок од посочените земји.

    Граѓаните уште еднаш побараа УЈП правилно да ја утврди даночната резидентност според фактичкиот престој подолг од 183 дена надвор од државата, да ги признае доказите како што се пасошите, печатите и потврдите од работодавачите, како и доказите за работа и престој без условување со формална одјава. Тие побараа и ревизија на донесените решенија, привремено запирање на присилната наплата, како и јасни насоки за даночниот третман на граѓаните ангажирани во меѓународни мисии.

    Кумановка која повеќе од 15 години била на печалба реагираше зошто не биле оданочени навреме, додека ги примале платите, а не сега кога парите веќе се потрошени. Таа ја обвини Владата дека ги оданочува ретроактивно затоа што државната каса е празна и посочи дека ваквите закони не се спроведуваат ни во земјите каде што тие работеле.

    Присутните потпишаа петиција, која ќе биде доставена до Американската амбасада и до Народниот правобранител. Ако институциите продолжат да молчат, најавија протести низ целата држава.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира