Вкупно 7,63 милијарди денари, односно 124,06 милиони евра, изнесуваат доспеаните, а неплатени обврски на институциите по буџетската ставка за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт. Како последица на неплатен долг кон ЕВН, вчера без струја останаа Машинскиот, Електротехничкиот, Природно-математичкиот и Земјоделскиот факултет, како и зградата на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.
Според последните податоци на Министерството за финансии за пријавените обврски, ставката за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт е втора најголема во структурата на вкупниот доспеан, а неплатен долг во државата, кој достигнува 43.841.062.661 денар или 712,86 милиони евра. Пред неа е само ставката за материјали и ситен инвентар со доспеан долг од 149,90 милиони евра, додека по неа следуваат другите тековни расходи со 81,14 милиони евра и отплатата на главнина кон нерезидентни кредитори со 76,01 милиони евра.
Најголем дел од вкупните доспеани обврски отпаѓа на јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост, кои должат 281,98 милиони евра или 39,56 отсто. По нив следуваат јавните здравствени установи со долг од 157,18 милиони евра, општинските јавни претпријатија со 105,53 милиони евра и Општините со 93,51 милиони евра. Останатите субјекти имаат доспеани обврски од 37,08 милиони евра, министерствата и владините органи како буџетски корисници од прва линија должат 20,95 милиони евра, училиштата и градинките како локални корисници од втора линија имаат долг од 9,32 милиони евра, а националните буџетски корисници од втора линија 6,85 милиони евра.
Меѓу десетте најголеми поединечни должници во земјава се и повеќе претпријатија од енергетскиот, комуналниот и транспортниот сектор. На врвот се ЈП Македонски железници-Инфраструктура Скопје со доспеан долг од 91,55 милиони евра и АД МЖ Транспорт Скопје со 87,17 милиони евра, а трет е АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) со 40,31 милиони евра. На шестото место е ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје со 27 милиони евра доспеани обврски, додека ЈП Водовод и канализација Скопје е на деветтото место со долг од 12,66 милиони евра. Во првите десет се и Јавната установа за потребите на ЈЗУ Универзитетски клиники, Клиниката за радиотерапија и онкологија, Институтот за трансфузиона медицина и Општините Гостивар и Тетово.
Речиси половина од вкупниот доспеан долг, односно 344,15 милиони евра, се обврски кон јавниот сектор, додека 332,44 милиони евра се должат кон приватниот сектор, здруженијата и невладините организации. Покрај веќе доспеаните долгови, пријавени се и недоспеани обврски од 222,10 милиони евра за тековната година, 187,88 милиони евра за следната и 197,55 милиони евра за втората наредна година.
М. ИЛИОСКИ



