ЕДЕН МЕСЕЦ ПО ТРАГЕДИЈАТА СО 61 ЖРТВА, КОЧАНИ Е ЗАМРЕН ВО ШОК

    ЕДЕН МЕСЕЦ ПО ТРАГЕДИЈАТА СО 61 ЖРТВА, КОЧАНИ Е ЗАМРЕН ВО ШОКСè уште под полициско обезбедување е рушевината на дискотеката „Пулс“, која сведочи за големата трагедија во Кочани, една од најголемите во земјава. (Фото: СДК.МК)

    Еден месец по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ со 61 жртва на 16 март, Кочани и натаму е во агонија и шок. Меѓу загинатите, главно млади, имаше и 6 деца, а меѓу скоро 200-те повредени 25 се деца. Денеска по кочанските улици имаше малку луѓе, градот како и изминатиов месец е речиси замрен.

    На плоштадот молк, а порано вриеше од млади. Денеска имаше само неколку пензионери на клупите. Во паркот, исто така тишина, се слуша само црцорот на новодојдените ластовици. Од двете страни на Кочанска Река бројни некролози, во градот со 24.000 жители скоро и да нема семејство што не е засегнато од трагедијата. Вниманието го привлекуваат плакатите на мостовите на кои е испишано „Корупцијата е како дрога, мислиш дека можеш да запреш“.

    Од двете страни на Кочанска Река бројни некролози, а вниманието го привлекуваат плакатите на мостовите на кои е испишано „Корупцијата е како дрога, мислиш дека можеш да ja запреш“. (Фото: СДК.МК)

    Денеска немаше протести на граѓаните ниту некаква најава за такво нешто, барем додека бевме во градот. Некои кочанчани рекоа можеби во попладневните часови ќе се случи некаков спонтан собир.

    Мирно беше и во кругот на општинската зграда. Таму имаше раздвиженост само од новинарите кои се подготвуваа за првата прес-конференција на новиот в. д. градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, кој завчера беше избран на оваа функција од Советот на Општина Кочани.

    „Имавме трагедија од светски карактер и никогаш не треба и не смее да се заборави. Ситуацијата е премногу трагична. Апатија владее на секој чекор. Ние имаме должност спрема настраданите да ги менуваме работите на подобро. Доколку оваа трагедија не ги разбуди сите институции во државата и драстично да се променат работите на подобро, сметам дека сè е залудно. Мислам дека целата кочанска јавност е незадоволна од постапката по несреќата која треба да биде неселективна и транспарентна со владеење на правото. Мора да се има одговорност“, рече Крстевски кој потенцираше дека мора приоритет во нивното работење да бидат младите.

    На плоштадот молк, а порано вриеше од млади. Денеска имаше само неколку пензионери на клупите. (Фото: СДК.МК)

    „Се надевам дека Министерството за финансии ќе го одобри мојот депониран потпис како в. д.градоначалник на Општина Кочани па ќе можам веднаш да ја потпишам одлуката дека Општина Кочани издвојува 3.000.000 денари (околу 50.000 евра) за настраданите во големата трагедија. Средствата ќе бидат депонирани на солидарната сметка на Црвениот крст на Македонија“, рече Крстевски.

    Во организација на граѓанската иницијатива „Support Kocani“, на 26 април во кочанскиот културен центар „Бели мугри“ ќе се оддржи аукција со јавно наддавање на уметнички дела донирани од уметници од земјава за помош на жртвите и повредените во кочанската трагедија. Сите дела ќе бидат јавно изложени на изложбата што се отвора на 23 април во „Бели мугри“, а по завршувањето на аукцијата ќе бидат изложени со цената по која се купени и нивниот нов сопственик уште неколку денови. Сите средства од хуманитарната аукција ќе бидат транспарентно донирани преку страната на инцијативата.

    Сепак, вака или онака животот во Кочани продолжува, како и работата на институциите кои се задолжени за безбедност. На излезот од градот бевме сопрени од сообраќајната полиција која била во акциска превентивна контрола, па на возачите им делеше флаери „Не пиј кога возиш“.

    Еден километар подалеку на патот кон Скопје во индустриската зона и уште со полициско обезбедување се гледа сеништето на смртта, дискотеката „Пулс“, која како рушевина сведочи за големата трагедија во Кочани.

    „Иако увидот на лице место формално е завршен, вештите лица кои вршат испитувања и анализи за потребите на постапката, по наредба на јавен обвинител, на лице место преземаат и дополнителни дејствија со цел темелна проверка и согледување на сите околности при пожарот. Со таа цел, објектот се уште е обезбеден и локацијата детално се прегледува. Се издаваат барања за дополнителни проверки, анализи и наредби за вештачења на околности кои ги испитуваат и утврдуваат вештите лица. Дополнително, до овој момент за потребите на постапката се издадени наредби за анализа на податоци од преку 70 мобилни телефони и 30-тина десктоп и лаптоп компјутери“, соопшти денеска Обвинителството.

    На лекување во болниците во Скопје и во странство сè уште се 47 повредени во пожарот, од кои еден е во критична состојба. Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска рече дека мало подобрување им кај едниот од двајцата критични пациенти.

    Под истрага се сите полициски инспектори, началници и командири кои од 2012 година наваму давале одобрение кочанската дискотека „Пулс“ да добие лиценца за работа од Министерството за економија, соопштија МВР и Јавното обвинителство. Сите се осомничени за кривичните дела Тешки дела против општата сигурност и Предизвикување општа опасност. Шестмина од осомничените се лишени од слобода, по едно лице се трага, а тројца веќе се наоѓаат во притвор за други дела. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определи мерки на претпазливост за седуммина од осомничените. Над 60 лица досега се под истрага за пожарот во диското.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира