EВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ГО УСВОИ ИЗВЕШТАЈОТ ЗА МАКЕДОНИЈА, СЕ БАРА ИСТОРИСКАТА КОМИСИЈА СО БУГАРИЈА ДА ДАДЕ ОПИПЛИВИ РЕЗУЛТАТИ

    EВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ГО УСВОИ ИЗВЕШТАЈОТ ЗА МАКЕДОНИЈА, СЕ БАРА ИСТОРИСКАТА КОМИСИЈА СО БУГАРИЈА ДА ДАДЕ ОПИПЛИВИ РЕЗУЛТАТИо извештајот се критикуваат недостатокот на реформи и демократските состојби, а европратениците гласаа и историските прашања да останат дел од текстот. (Фото: Принтскрин од видео)

    Европскиот парламент (ЕП) го усвои извештајот за напредокот на Македонија за 2025 година на пленарна седница во Стразбур. Резолуцијата беше поддржана од 411 европратеници, додека 120 гласаа против. Во извештајот се критикуваат недостатокот на реформи и демократските состојби, а европратениците гласаа и историските прашања да останат дел од текстот.

    Амандманот 3, предложен од известувачот Томас Вајц, со кој требаше да се избрише ставот 73 од идната резолуција, беше отфрлен. За негово задржување гласаа 338 европратеници, а 126 за негово бришење. Ако амандманот беше усвоен, текстот нема конкретно да го спомене Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

    Во членот 73 се наведува следното:

    „Силно ја повикува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Северна Македонија, формирана како резултат на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, да постигне јасни и опипливи резултати; нагласува дека текстовите треба да ја одразуваат интерпретацијата на историските факти и личности од заедничката историја на двата народа, врз основа на објективни, автентични и докази поткрепени со историски извори и документи, научна интерпретација и историски настани, како што е предвидено во вториот протокол кон Договорот со Бугарија“.

    Во извештајот, ЕП ја нагласува својата целосна поддршка за посветеноста на Македонија кон членството во Европската Унија, потенцирајќи дека напредокот во пристапните преговори зависи од спроведување на длабински и одржливи реформи. Европратениците изразуваат жалење за ограничениот напредок од претходниот извештај, особено во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата.

    Гласањето за извештајот следеше по дебата за деловите поврзани со обврските на Северна Македонија според преговарачката рамка со ЕУ.

    Европратениците нагласија дека се неопходни обновени политички заложби и засилена меѓупартиска соработка, особено за усвојување на уставните амандмани, кои се услов за отворање на првиот преговарачки кластер.

    Извештајот нагласува дека Северна Македонија мора да ја исполни обврската за уставните измени. Потврден е и ставот на Советот на ЕУ дека следната меѓувладина конференција ќе биде одржана веднаш штом ќе се реализираат потребните измени.

    Европскиот парламент упатува остри критики за демократските состојби и реформскиот застој во Северна Македонија, предупредувајќи на сериозни слабости во владеењето на правото, борбата против корупцијата и независноста на судството. Европратениците нотираат дека, и покрај одредени позитивни чекори, реформската агенда значително заостанува, додека политичкото мешање, институционалната слабост и недостигот од политичка волја ја поткопуваат довербата во системот. Посебна загриженост предизвикуваат измените на Кривичниот законик, кои според извештајот создаваат перцепција на неказнивост за висока корупција, како и континуираната неуспешност да се постигнат осудителни пресуди во вакви случаи.

    Дополнително, извештајот алармира за координирани обиди за манипулација на јавниот дискурс и ширење на анти‑европски наративи, вклучително и преку странско влијание во медиумскиот простор. Критики има и во делот на човековите права, за состојбата со лицата со попреченост и ЛГБТИК+ заедницата, како и за недоволниот напредок во заштитата на животната средина, особено во борбата против загадувањето на воздухот. Европскиот парламент заклучува дека без суштински реформи и јасна политичка посветеност, напредокот на Северна Македонија кон Европската унија ќе остане ограничен.

    Премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на гласањето за извештајот во ЕП, изјави дека европратениците треба да го поддржат амандманот со кој билатералните протоколи се исклучуваат како формален дел од преговарачката рамка.

    „Ако сака Европа да го задржи својот кредибилитет, тоа треба да го направи, треба да ја исправи неправдата што и е нанесена на Македонија. Мислам дека тоа треба да се случи, европските пратеници треба да го поддржат и оној амандман во кој се нотираат придобивките и напредокот, но и оној дел во кој протоколите не се составен дел од преговарачката рамка. Ги охрабрувам и ги замолувам европратениците да се држат до европските вредности дефинирани од Шуман, Аденауер и Де Гаспери при формирањето на ЕУ“, рече Мицкоски.

    Европскиот парламент го разгледа и напредокот на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора во процесот на пристапување кон Европската Унија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира