Германија и Словачка бараат Македонија и Албанија во јуни заедно да ги почнат пристапните преговори за влез во ЕУ. Германскиот министер за Европа Михаел Рот и словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок денеска на Твитер објавија ваков став како одговор на изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој вчера во интервју за Еуроњуз кажа дека Европската унија може да ги почне пристапните преговори со Албанија пред Македонија, ако не се најде заеднички прифатливо решение со Бугарија за историскиот спор.
Северна Македонија има чиста препорака за почеток на пристапните преговори од Европската комисија, но конечната одлука ја носи Европскиот совет, каде што Бугарија стави вето.
„Германија ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција заедно со Албанија и Северна Македонија во јуни. Обете земји ги испорачаа бараните реформи – сега треба и ЕУ да испорача. Натамошното одложување ги загрозува кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот“, вели Рот.
Словачкиот министер Корчок вели дека сега кредибилноста на политиката за проширување на ЕУ зависи од тоа да се тргне ветото за Македонија што го стави Бугарија.
„Кредибилна политика за проширување на ЕУ сега значи отфрлање на ветото во Советот, кој треба да го признае напредокот на Северна Македонија и Албанија. Обете земји одамна требаше да ги почнат меѓувладините конференции“, напиша Корчок.
Еврокомесарот за проширување, Унгарецот Оливер Вархеји изминатава недела двапати кажа дека постои опција и да се одвојат преговорите со Македонија и Албанија, вчера и пред 3 дена за време на неговата посета на Скопје, по повод донацијата од 4.800 вакцини од ЕУ.