ГОРИ ДИВА ДЕПОНИЈА КАЈ „СТЕНКОВЕЦ“ И СКОПЈЕ Е ВО ЧАД, ПОЖАРОТ ВО РАМНО НА СКОПСКА ЦРНА ГОРА ГО ГАСАТ И 30 ВОЈНИЦИ

    ГОРИ ДИВА ДЕПОНИЈА КАЈ „СТЕНКОВЕЦ“ И СКОПЈЕ Е ВО ЧАД,  ПОЖАРОТ ВО РАМНО НА СКОПСКА ЦРНА ГОРА ГО ГАСАТ И 30 ВОЈНИЦИАктивен е подолго време, гори наталожен отпад, кој ќе има уште повеќе чад, повеќе густ чад, и во наредниот период скопјани ќе почувствуваат уште поголем мирис, рече директорот на ДЗС Ангелов. (Фото: ДЗС)

    Густ црн чад се издига над Скопје откако попладнево избувна нов пожар кај спортскиот аеродром „Стенковец“, каде гори дива депонија со наталожен отпад. Поради количината на отпад што гори, пожарот зафаќа поголема површина, а чадот и непријатната миризба се шират во околината.

    Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, кажа дека скопските пожарникари веќе пристигнале на терен и интервенираат на пожарот кај „Стенковец“.

    „Се крева црн чад како атомска бомба. Скопските пожарникари стигнаа на лице место. Поголема површина е зафатена и гори сува трева, ќе биде тешко да се совлада. Активен е подолго време, гори наталожен отпад, кој ќе има уште повеќе чад, повеќе густ чад, и во наредниот период скопјани ќе почувствуваат уште посилен мирис на чад“, изјави Ангелов.

    Пожарот кај „Стенковец“ дополнително ја влошува состојбата со пожарите во Скопскиот Регион, каде истовремено се активни повеќе жаришта. Дополнителен проблем претставува ветерот, кој го носи чадот и од пожарот во месноста Рамно на Скопска Црна Гора, каде огнот е активен веќе два дена.

    Ангелов претходно соопшти и за големиот пожар во Рамно, во Општина Чучер-Сандево. Пожарот таму веќе два дена се обидуваат да го стават под контрола, но силниот ветер ја отежнува интервенцијата и го шири чадот во правец кон Скопје.

    „Ова зад мене е големиот чад од пожарот во месноста Рамно, на Скопска Црна Гора, во Општина Чучер-Сандево. Два дена се обидуваме да го ставиме под контрола, но силниот ветер дополнително ја влошува состојбата. Ветерот дува во насока кон Скопје и чадот се шири кон градот. Дел од Скопје веќе го чувствува мирисот на чад. Во текот на денот дејствуваме и со полициски хеликоптер. Таму се скопските пожарникари, со поддршка од пинцгауери на ДЗС, а на лице место се и 30 припадници на Армијата. Нивната задача е да спречат пожарот да помине преку патот. Во моментов нема опасност за околните села. Пожарот е во еден многу длабок дол, долг околу 1.600 метри, и ќе биде проблем да се стави под контрола. Во долот има многу чад, што не дозволува да се дејствува. Очекувам мирисот на чад да се чувствува сè додека ветерот дува во оваа насока. Од УХМР попладнево се очекува северозападен ветер, па мирисот би требало да се чувствува уште неколку часа, до вечерните часови“, рече Ангелов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира