Десет независни граѓански иницијативи бараат од министерот за правда Игор Филков да бидат вклучени во работната група за изработка на новиот Изборен законик. Велат дека работната група веќе одржала три состаноци, а во неа се повикани само претставници на политичките партии застапени во Собранието.
Вкупно 69 независни граѓански листи за советници кои учествуваа на Локалните избори во 2025 освоија 58.607 гласови, повеќе и од партиите Левица со 56.287 гласови и ЗНАМ со 38.034 гласови. Со овој резултат, независните листи се позиционираат како петта политичка сила во државата. Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), најмногу гласови за советнички листи освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 301.799, по што следи коалицијата на СДСМ со 124.300 гласови. Коалицијата на ДУИ освои 114.000 гласови, а коалицијата Вреди 92.000 гласови.
Независните „Шанса за Центар“, „Независни заедно“, „Подобро за Тетово“, „Ред за Куманово“, „Поинаку Битола“, „Зелените од Гази Баба“, „Стига е“ – Струмица, Ново Село и Босилово, „Независни за Карпош“, „Ја штитам Беласица“ од Ново Село и „Движење Правда“ денеска пред средбата со министерот рекоа дека е неразбирливо зошто само политичките партии кои имаат пратеници да бидат вклучено во работната група, иако на избори учествуваат и други партии и независни иницијативи.
„Значи, во име на сите овие независни групи, ќе го поднесеме нашето барање за учество на наш претставник во работната група којашто работи на Изборниот законик. Дали се тоа само измени и дополнувања или нов Изборен закон, немаме информација, меѓутоа знаеме дека има работна група и дека во таа работна група ние не сме дел. Бидејќи законот ќе важи и за централно и за локално ниво, сметаме дека треба да има пошироко учество”, рече Билјана Ивановска од “„Шанса за Центар“.
На 7 март 2024, политичките партии по скратена постапка ги усвоија измените на Изборниот законик. Со измените поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ и со премолчана поддршка од сите останати, се зголеми прагот на потребните потписи за учество на изборите за независните кандидати и листи, место со 1.000 потписи од конкретна изборна единица, на 1 процент од вкушно запишаните избирачи во изборната единица. На 20 мај 2025, Уставниот суд ги укина тие измени на Избориот законик. Но, се создаде правна празнина, бидејќи во меѓувреме Собранието не донесе нови законски одредби за бројката на потребни потписи и беше неизвесно дали независните листи воопшто ќе може да уествуваат на изборите. Откако партиите од власта и опозицијата здружено ги спречија да настапуваат на изборите како граѓански иницијативи, тие почнаа да собираат потписи за формирање на партии, зашто за да се формира партија потребни се 1.000 потписи од целата територија на државата. Потоа, ДИК одлучи дека граѓански иницијативи може да учествуваат на изборите и без партија, именувани како „група избирачи“.
Независните иницијативи денеска исто така побара со измените на Изборниот законик точно, прецизно и јасно именување на независната листа на гласачкото ливче. Наместо „група избирачи“, да стои името на независната група на пример, „Шанса за Центар“ или „Поинаку Битола“, за да бидат полесно препознатливи. Потоа, точно да се прецизира прагот потребен за собирање потписи во согласност со меѓународната практика, продолжување на рокот за собирање потписи кој во развиените земји е речиси двојно подолг од македонскиот.
Бараат и рамноправност во користење на државните пари за политичкото рекламирање, бидејќи досега тие се достапни само за партиите.
Државните пари за политичките партии годинава ќе надминат рекордни девет милиони евра, при што од таа сума 70 отсто се распределуваат според бројот на освоени пратеници и советници, а останатите 30 отсто линеарно се делат меѓу сите партии и коалиции што освоиле најмалку еден отсто од гласовите на последните парламентарни или локални избори. Според тоа и мали партии, кои речиси и не се активни, со многу мал број добиени гласови влегуваат во системот на државно финансирање. На пример, на Локалните избори 2025, седум мали партии не освоија ниту еден советнички мандат, но и покрај тоа си обезбедија државно финансирање за следните четири години.
„Немаме против никого ништо, едноставно сакаме да се преуреди тој дел и да се обезбеди фер конкуренција, бидејќи тоа се финансира од буџетот на сите граѓани. Ние со нашата поддршка што ја добиваме во низа на локалните избори бележиме постојан пораст и сметаме дека нашиот глас треба да се слушне и почитува. Очекувам дека ќе имаме разбирање од министерот за правда, бидејќи ова е во насока на јакнење на духот на демократијата и е содржано во препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Бараме фер настап на изборите, фер застапеност во медиумите и фер распределба на средствата”, рече Ивановска.
Независните велат дека со нивните барања се збогатува демократијата на локално, но и централно ниво.
А. АНТЕВСКА



