Граничниот премин Маркова Нога – Лемос меѓу Република Северна Македонија и Република Грција ќе почне да се гради догодина, а во 2027 треба да биде отворен. Со тоа, после 60 години откако преминот е затворен, повторно ќе може да се минува меѓу двете земји и тоа во голема мера ќе влијае на развојот на туризмот и економијата во регионот Преспа. Ова за САКАМДАКАЖАМ.МК го потврдија грчките власти и од Kанцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во земјава што го спроведуваат проектот „ЕУ за Преспа“.
Граничниот премин Маркова Нога помеѓу Грција и Југославија беше затворен во 1967 година со политичка одлука на грчката воена хунта што тогаш дојде на власт со државен удар, но остана затворен до денес и по укинувањето на монархијата и паѓањето на хунтата во 1974.
Јорго Аманатидис, регионален гувернер на областа Западна Македонија, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека од грчка страна работат на овој проект кој е клучен чекор за зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји и ќе доведе до значителни еколошки, социјални и економски придобивки за регионот. Во моментов се работи на втората фаза од проектот „Гранична станица во областа Преспанско Езеро: Подготвителни активности за воспоставување на граничниот премин“ (BorPres) во рамките на програмата INTERREG IPA CBC 2014-2020.
„Оваа фаза предвидува изградба на новата зграда од грчка страна, реконструкција и реновирање на полициската станица на државната граница кај Маркова Нога каде што ќе биде воспоставен идниот премин и воспоставување на пешачка врска со објектите на граничниот премин Маркова Нога – Лемос. Оваа втора фаза од проектот (BorPres2) беше поднесена на 11 октомври 2024 година како Стратешки проект кој ќе се финансира во рамките на INTERREG IPA CBC Програмата 2021-2027 со вкупен износ од 7,7 милиони евра. Според процедурите на програмата, реализацијата на проектот ќе започне на почетокот на 2025 година и ќе биде финализиран до крајот на 2027 година. Повторното отворање на граничниот премин меѓу двете земји ќе помогне во развојот на туризмот во регионот“, вели Аманатидис, регионален гувернер на областа Западна Македонија.
До 1967, од едната на другата страна на границата се минувало само со лична карта. Жителите на Преспа 57 години чекаат границата повторно да се отвори. Голем дел од мештаните од околните села при нашата посета на преминот ни рекоа дека со години се зборува за повторното отворање на границата, но не веруваат дека тоа ќе се случи.
„Сега нема никакво движење. На лето кога има повеќе посетители и странски туристи, се случува странците да заскитаат, односно да продолжат да возат велосипеди накај границата, не знаејќи дека таа постои и дека не може да се мине. Многу ќе значи за нас ако се отвори границата, веруваме дека ќе има движење и овој регион ќе заживее како што беше во минатото“, ни рекоа мештани од селото Долно Дупени, кое е последно село во македонскиот дел од Преспа и се наоѓа близу граничниот премин.
Сега овој дел е пуст, единствено има полициската станица од македонска страна и воопшто нема никакво движење, ниту пак некакви активности кои навестуваат дека се работи на отварање на преминот. Меѓуграничниот простор потсетува дека тука некогаш имало премин, но штом ќе се стигне до рампата и почнува грчкиот дел нема никакви знаци дека тука имало организиран меѓудржавен премин. Нема асфалтиран пат, туку земјен.
Проектот од македонската страна го спроведува канцеларија на УНДП во земјава преку проектот „ЕУ за Преспа“ финансиран од Европската унија. Веќе е објавен тендерот за изградба на зграда за Царината и на сите придружни елементи за преминот и напролет како што велат од УНДП се очекува да се почне со градба.
Дел од тимот на УНДП кој работи на овој проект е Зоран Трајчевски од Ресен, кој вели дека откако знае за себе слуша за повторно отворање на границата меѓу Македонија Грција кај Маркова Нога.
„Дојде ред јас да работам на отварање на преминот и за мене тоа е лична сатисфакција, а да не разговараме за важноста за цел регион и колку за развојот ќе придонесе овој проект. Тендерот е објавен. Има заинтересираност на фирми. На 20 ноември имавме посета на преминот со потенцијалните кандидати кои сакаат да учествуваат на тендерот, за да се запознаат со теренот и да можат да дадат понуди. Тендерот завршува за 20 дена, па имаме процес на евалуација, склучување договор и напролет ќе почне градбата. Рокот на изградба е година и половина, што значи во 2027 преминот ќе биде отворен“, вели Трајчевски, проект менаџер на проектот „ЕУ за Преспа“.
Тимот на УНДП кој работи на овој проект деновиве ќе има средба со грчката страна која го спроведува проектот, за да се разменат информации за предвидената динамика на двете страни.
Проектот за повторното отварање на граничниот премин е дел од Договорот од Преспа потпишан во 2018 година, со кој се смени уставното име на државата и се реши 30-годишниот спор меѓу двете земји. Во 2019 година беше потпишан договор за повторно отварање на преминот во Преспа.
А. АНТЕВСКА