ГРУЕВСКИ Е СÈ УШТЕ МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН И ЌЕ СЕ БАРА ЕКСТРАДИЦИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ПО ИНФОРМАЦИЈАТА ДЕКА ИЗБЕГАНИОТ ЕКСПРЕМИЕР ДОБИЛ И УНГАРСКО ДРЖАВЈАНСТВО ВО 2022

    ГРУЕВСКИ Е СÈ УШТЕ МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН И ЌЕ СЕ БАРА ЕКСТРАДИЦИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ПО ИНФОРМАЦИЈАТА ДЕКА ИЗБЕГАНИОТ ЕКСПРЕМИЕР ДОБИЛ И УНГАРСКО ДРЖАВЈАНСТВО ВО 2022 Позицијата на Груевски со унгарско државјанство е значително посигурна од азилант, зашто додека политичкиот азил може да биде укинат, одземањето државјанство е далеку потешка правна постапка (Фото: СДК.МК)

    Министерството за правда, кое досега не знаеше дека избеганиот осуден, обвинет и осомничен експремиер Никола Груевски уште во 2022 добил унгарско државјанство, за САКАМДАКАЖАМ.МК  денеска изјави дека внимателно ги следи информациите објавени во јавноста во врска со наводите дека Груевски го стекнал државјанството. Од Министерството ни рекоа дека дека Груевски сè уште е државјанин на Македонија и сè уште ќе се бара екстрадиција.

    Повикувајќи се на извор во унгарската влада, истражувачкиот портал ВиСквер (VSquare), објави дека Груевски, кој живее во Будимпешта од 2018 каде избега за да не оди в затвор откако стана правосилна пресудата, добил целосно унгарско државјанство во 2022, врз основа на „државен интерес на Унгарија“. Според друг владин извор, се верува дека тој и натаму престојува во земјата. Тоа ја прави речиси невозможна неговата екстрадиција во Македонија.

    Од 2019, кога последен пат тоа го стори министерката Рената Дескоска, па до денеска, всушност, никој не се обратил до унгарските власти, за да се добие информација дека Груевски не е азилант како што цело време овде го нарекуваат и официјалните органи, туку државјанин на Република Унгарија.

    Иако досега не соопшти дали стигнале документите за постапките против Груевски од судот, МВР и од Обвинителството што ги побара на 14 април, и дали повторно побарал екстрадиција, од кабинетот на министерот Игор Филков ни изјавија дека Груевски сè уште е државјанин на Македонија и сè уште се бара да одговара пред македонските правосудни органи.

    „Независно од сите шпекулации и неофицијални информации за евентуалниот статус што го има во Унгарија, Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки. Министерството за правда нагласува дека постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции. Во рамки на своите надлежности, Министерството и понатаму ќе ги презема сите неопходни правни и дипломатски чекори во комуникација со надлежните органи на Унгарија“, ни изјави Министерството за правда.

    Премиерот Христијан Мицкоски, денеска изјави дека Владата нема информација дали Груевски има унгарско државјанство.

    Унгарскиот премиер Петер Маѓар уште при стапувањето на функцијата најави дека Унгарија повеќе нема да служи како засолниште за меѓународни криминалци. одека политичкиот азил може да биде укинат, одземањето државјанство е далеку потешка правна постапка. Тоа му обезбедува ниво на заштита што го прави имун на ветувањата на Маѓар за екстрадиција. Одземањето на државјанството би барало да се докаже дека е стекнато со измама или корупција. Во вториот случај – со оглед дека е доделено поради „државен интерес“ – обвинителството би требало да докаже вмешаност на највисоки претставници на владата на Виктор Орбан.

    Груевски избега од Македонија во ноември 2018, непосредно пред да започне со издржување затворска казна од две години во случајот „Тенк“, пресуда за корупција поврзана со набавка на оклопен луксузен „мерцедес“ во вредност од 600.000 евра. Како што ни изјавија од Основниот кривичен суд Скопје, потерниците за Груевски се по пресуди познати како: „Насилство во Центар“, со пресуда К.бр. 1904/16, за која е оформен предмет за извршување на затворска казна КУИКП 1094/21, во траење од 1 година и 6 месеци, чие извршување застарува на 10.09.2027; како и предметот познат како „Плацеви на Водно“, со пресуда КОК 63/21, за кој е оформен предмет за извршување на затворска казна КУИКП 732/23, со единствена казна затвор од 9 години, чие извршување застарува на 14.02.2043 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира