Поранешниот македонски премиер Никола Груевски добил унгарско државјанство во 2022 година, и тоа му обезбедува силна заштита од можна екстрадиција во Македонија. Повикувајќи се на извор во унгарската влада, истражувачкиот портал ВиСквер (VSquare), објави дека Груевски, кој живее во Будимпешта од 2018 каде избега за да не оди в затвор откако стана правосилна пресудата, добил целосно унгарско државјанство во 2022, врз основа на „државен интерес на Унгарија“. Според друг владин извор, се верува дека тој и натаму престојува во земјата. Тоа ја прави речиси невозможна неговата екстрадиција во Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска изјави дека Владата нема информација дали Груевски има унгарско државјанство.
Премиерот Петер Маѓар уште при стапувањето на функцијата најави дека Унгарија повеќе нема да служи како засолниште за меѓународни криминалци. Двајца од најпознатите пребегани политичари во таквиот систем експресно реагираа и ја напуштија земјата. Поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро, кој доби азил по бегството во Унгарија во 2025, во мај годинава беше забележан на аеродромот „Њуарк Либерти“, САД. Неговиот поранешен заменик Марчин Романовски, кој кон крајот на 2024 избега во Будимпешта по обвиненија за злоупотреба на јавни средства, наводно не успеал да влезе во САД и подоцна бил забележан во Србија и Хрватска, додека полските служби трагаат по него.
Сепак, според ВиСквер, позицијата на Груевски е значително посигурна од онаа на полските бегалци. Додека политичкиот азил може да биде укинат, одземањето државјанство е далеку потешка правна постапка. Тоа му обезбедува ниво на заштита што го прави имун на ветувањата на Маѓар за екстрадиција. Одземањето на државјанството би барало да се докаже дека е стекнато со измама или корупција. Во вториот случај – со оглед дека е доделено поради „државен интерес“ – обвинителството би требало да докаже вмешаност на највисоки претставници на владата на Виктор Орбан. Што, се разбира, не е невозможно.
Груевски избега од Македонија во ноември 2018, непосредно пред да започне со издржување затворска казна од две години во случајот „Тенк“, пресуда за корупција поврзана со набавка на оклопен луксузен „мерцедес“ во вредност од 600.000 евра. Тој ја напушти земјата преку Албанија, а потоа продолжи низ Црна Гора и Србија, наводно со помош на унгарско дипломатско возило и, според тогашни извештаи, со вмешаност на унгарската странска разузнавачка служба. Владата на Орбан потоа му одобри политички азил.
Како што ни изјавија од Основниот кривичен суд Скопје, потерниците за Груевски се по пресуди познати како: „Насилство во Центар“, со пресуда К.бр. 1904/16, за која е оформен предмет за извршување на затворска казна КУИКП 1094/21, во траење од 1 година и 6 месеци, чие извршување застарува на 10.09.2027; како и предметот познат како „Плацеви на Водно“, со пресуда КОК 63/21, за кој е оформен предмет за извршување на затворска казна КУИКП 732/23, со единствена казна затвор од 9 години, чие извршување застарува на 14.02.2043 година.
Во Македонија во изминатиот период, по падот на Виктор Орбан од власт во Унгарија на 14 април, се актуелизираше приказната за враќањето на Груевски. Во април годинава, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не очекува Груевски да се врати во земјата, но доколку тоа се случи „ќе оди во затвор“. Опозицискиот СДСМ, во чиј мандат на власт избега Груевски, на почетокот на неделава ги праша премиерот и министерот за правда Филков дали ги испратиле во Будимпешта документите за екстрадиција на Груевски. Оттаму уште оценија дека Мицкоски се плаши дека враќањето на Груевски во земјата ќе ја загрози неговата позиција во партијата.
Иако претходната власт на СДСМ инсистираше на негова екстрадиција од Унгарија, каде што тој ужива политички азил, тоа барање сега е истечено, а новата власт досега не го обновила. Во моментов за него нема активна потерница од Интерпол, што дополнително ја олеснува неговата позиција во Будимпешта. Министерот за правда Игор Филков на 14 април, рече дека ќе побара од надлежните правосудни органи и од МВР детални известувања за неговите актуелни и застарени кривични предмети, за пресудите, за обвиненијата, за барањето за издржување затворски казни и за неговото моментално наоѓање, движење, состојба. Барањата веднаш се испратени од овие институции, ни потврдија тогаш во Министерството за правда. Барањата според законот морало да се испратат по пошта. Потоа и одговорите од судот, обвинителството и од МВР, требало да бидат испратени по пошта. Тие информации би му служеле на Министерството за правда да напише точни податоци за статусот на кривичните предмети против бегалецот Груевски во барањето за екстрадиција што ќе го праќаат до новите унгарски власти. Но на 18 април, во Министерството за правда рекоа дека и да стигнат одговорите по пошта, не се знае дали и кога ќе биде испратено барањето за екстрадиција на Груевски.



