ИМА СОЛИДЕН НАПРЕДОК ВО РЕНОВИРАЊЕТО НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА, ИАКО НА ТЕРЕН НЕ СЕ ИЗВЕДЕНИ ПОГОЛЕМИ ЗАФАТИ

    ИМА СОЛИДЕН НАПРЕДОК ВО РЕНОВИРАЊЕТО НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА, ИАКО НА ТЕРЕН НЕ СЕ ИЗВЕДЕНИ ПОГОЛЕМИ ЗАФАТИОд Министерството велат дека до 15 септември ќе заврши поставувањето на челичните конструкции кои веќе се изработени, со што сликата на градилиштето ќе биде сосема друга. (Фото: Министерство за култура)

    Четири месеци откако повторно почна реконструкцијата на Универзална сала, на терен не се забележува дека се изведени поголеми зафати. Од Министерството за култура, пак, на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто со многу бавна динамика се работи велат дека имало солиден напредок во градежните работи. Објаснуваат дека досега се изведувале подготвителните работи и дека до 15 септември ќе заврши поставувањето на челичните конструкции, кои веќе се изработени, со што сликата на градилиштето ќе биде сосема друга.

    „Досега на објектот се изведени предвидените подготвителни работи, градежно-занаетските работи, предвидените рушења, бетонските работи, арматурските работи, браварските работи и работите на конструктивниот дел. Согласно последниот записник, од страна на стручниот надзор е констатирано дека изведувачот генерално работи во рок со динамичкиот план. Исто така, надзорните инженери му дале насоки на изведувачот за идните активности, со цел поголема градежна динамика“, велат од Министерството за култура.

    Велат дека се работи на производството и подготовката на челичните конструктивни елементи, како и на планираната динамика за транспорт и монтажа на челичната конструкција.

    „Од увидот, надзорот констатирал дека голем дел од челичните конструктивни елементи се изработени и дека има солиден прогрес. Од страна на фирмата ‘Актива‘ од Штип е дадена планирана динамика дека на градилиштето ќе завршат транспортот и монтажата на челичната конструкција без трибини најдоцна до 15 септември 2026. Овој дел, по изведбата, ќе биде видлив и надвор од градилиштето“, додаваат од Министерството за култура.

    Универзална сала почна да се реновира во април. Треба да биде готова до почетокот на 2028 како една од главните локации за „Скопје Европска престолнина на културата“.

    Реконстрикцијата чини 19 милиони евра, а тендерот го доби фирмата „Универзал Балкан“, односно истата со која беше склучен договор во 2021, а ексминистерот Зоран Љутков пред две години го раскина. Со новиот тендер нема никакви измени во проектот, односно тој останува ист. Со проектот ќе се задржат постојната форма и габаритот и се зачувува духот на Универзална сала. Куполата ќе биде зголемeна и навечер осветлена. Ќе се употребат нови материјали на фасадата за да биде енергетски ефикасна, а истовремено се зголемува и противпожарната заштита.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира